Македонија 22. јули 2018. / 20:41

Медарски демантира поврзаност со фирмата која конкурираше на тендерот за реагенси

Медарски демантира поврзаност со фирмата која конкурираше на тендерот за реагенси

Адвокатот Филип Медарски денеска демантира каква било поврзаност со фирмата, која конкурираше на тендерот на Министерството за здравство.

– На денешната прес конференција на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е изнесено тврдење дека фирма, која конкурирала на тендер на Министерството е здравство е регистрирана на иста адреса, како мојата адвокатска канцеларија. Би сакал да ја информирам јавноста дека мојата адвокатска канцеларија нема никаква поврзаност со фирмата што конкурирала на тендерот и одговорно тврдам дека таа фирма, нејзините основачи, управител и вработени никогаш не сум ги застапувал, ниту пак лично познавам било кој од нив, вели Медарски во својот демант.

Тој вели дека до моментот на излегување на информациите околку тендерот во јавноста нему не му било познато дека таа фирма има седиште на истата адреса како и неговата канцеларија.

– На истата адреса се регистрирани повеќе од седум други адвокатски канцеларии, кои не се поврзани со мојата. Која од нив ја регистрирала фирмата на ова седиште лесно може да се провери во Централниот регистар, но тоа сигурно не е мојата. Било какво натамошно поврзување на мојата канцеларија со таа фирма или тендерот на Министерството на здравство ќе ги третирам како злонамерни и тенденциозни и ќе поведам соодветни постапки за заштита на мојата чест и углед, додава тој во демантот.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно денеска изјави дека не знае детали за единствената фирма АХР ЛАБ, која учествувала на тендерот за набавка на реагенси, вреден 35 милиони евра, а кој предизвика бура од реакции во јавноста.

– Министерство за здравство не склучило договор и фирмата која се споменува во јавност не го добила тендерот за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи. Доколку има неправилности во тендерската постапка и ако не постигнеме заштеда, подготвени сме да ја поништиме.

Филипче рече дека до крајниот рок за поднесување на понуди за овој тендер пристигната е само една понуда. Во моментов, посочи, постапката е во фаза на евалуација и се уште не е ниту стигнато до електронска аукција.