Македонија 13. ноември 2020. / 13:21

Матурата и зимскиот распуст за учениците ќе се реалзираат идентично како и минатата година

Матурата и зимскиот распуст за учениците ќе се реалзираат идентично како и минатата година
Фото: Фејсбук/Мила Царовска

Матурата за средношколците ќе се реализира во текот на наредната година и во законски утврдените рокови, како иста пракса што се случуваше во други држави од регионот и Европа, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.

Царовска ги повика учениците навреме да изберат проектна задача и наставни предмети што ќе ги полагаат за матурата.

– Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици кои што се наша иднина, и затоа согласно законските рокови матурата ќе се реализира во текот на наредната година, како иста пракса што се случуваше во други држави од регионот и Европа. Не сакаме да бидеме исклучок. Матурата е значајна за утврдување на знаењата и за понатамошен развој на нашите млади граѓани кои во иднина треба да ја водат државата и економскиот развој, нагласи Царовска.

За време на нејзиниот престој во Битола, каде го посети средното општинско училиште „Таки Даскало“, министерката соопшти и дека зимскиот распуст за учениците ќе се реализира според календарот и идентично како и минатата година, во текот на месец јануари, а на 21 јануари ќе почне второто полугодие за сите ученици.