Состојбата со заболени лица од корона вирусот во земјава може да се следи на апликацијата http://gdi-sk.maps.arcgis.com/
На оваа мапа на едно место се регистрираат сите случаи на заболени лица од корона вирусот во земјава и на тој начин се настојува да се алармираат граѓаните за кризните подрачја и носењето вистински одлуки.
Според генералниот директор на ГДи Скопје, Дејан Крстевски оваа апликација ја имаат и другите држави во регионот, каде податоците се ажурираат согласно известувањата на институциите и на светските статистики.
– Во овие моменти на криза, сакаме да помогнеме на населението и на институциите вистински и во реално време, да ја следат состојбата со развојот на вирусот во Македонија. Кога ќе се уредат сите просторни податоци на едно место, полесно е да се избегне кризата и да се донесат вистински одлуки. Овозможува едноставен и прегледен приказ во служба на информирање на јавноста, но пред се е корисна алатка за оние кои носат одлуки и мерки за сузбивање на вирусот. Затоа што животот во доба на коронавирусот, всушност, е живот во криза – вели Крстевски.
Географски информациони системи (ГИС) се начини за организирање, презентирање и анализирање на просторни и географски податоци. „ESRI“ е водечка организација во областа на географијата и давател на ГИС ресурси.