Македонија 30. април 2020. / 15:07

Малески стана херој во Грција по неговите антимакедонски изјави дека сме Бугари

Малески стана херој во Грција по неговите антимакедонски изјави дека сме Бугари

Грчките медиуми ликуваат по испадот на Денко Малески, откако поранешниот министер за надворешни работи и актуелен советник на претседателот Стево Пендаровски ја прогласи македонската историја за фалсификувана, а Македонците за некогашен дел на бугарскиот народ.

Скопјанските медиуми во криза откако поранешниот министер за надворешни им кажа дека „не сме Македонци, туку Бугари“, е насловот на Пол Антонопулос објавен во грчкиот „Сити Тајмс“.

Во текстот се пренесуваат неговите изјави за бугарските медиуми во кои Малески вели дека дејци како Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков биле Бугари, а Илинденското Востание било бугарско по својот карактер.

Бугарите велат дека народот на „Северна Македонија“ се Бугари чиј идентитет бил одземен од југословенските власти со две цели – да се легитимираат југословенските амбиции кон северот на Грција, особено кон пристаништето Солун, и да се ослабне бугарскиот идентитет за луѓето да и останат лојални на Југославија и да не бараат обединување со Бугарија. Историјата покажа дека бугарските ставови се правилни, но за жал народот на „Северна Македонија“ допрва треба да се разбуди и да ја осознае реалноста, пишува грчкиот медиум, аргументирајќи ги своите тези со ставовите изнесени од поранешен висок македонски и југословенски функционер како што е Малески.

Грчкиот медиум ги пренесува и тврдењата на Малески дека во Југославија, македонските историчари ја фалсификувале македонската историја, издвојувајќи одредени елементи, а игнорирајќи други со цел да остават впечаток дека Македонија има различна историја од бугарската. Со ова, освен миленик на бугарските медиуми, Малески сега има широка публика и во Грција, која со децении посветено работеше на негирање на македонскиот идентитет.