Собранието на денешната седница го избра Максим Ацевски за главен државен ревизор, на предлог на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Одкуката за изборот на Ацевски беше донесена едногласно со 81 глас „за“. По изборот главниот државен ревизор положи свечена заклетва пред Собранието.
Ацевски е дипломиран економист од Велес. Во Државниот завод за ревизија е од 2001 година до денес. Често пати во медиумските настапи зборувал за потребата од зајакнување на капацитетите на Државниот завод за ревизија, но и за односот на надлежните институции кон неправилностите што ги регистрираат ревизорите.
Кон крајот на 2017 година истече мандатот на Тања Таневска, а во изминативе неполни две години со ДЗР раководеше заменикот на главниот државен ревизор, Насер Адеми, но неговиот мандат во траење од 9 години, истече на 4 октомври, без да биде назначен овластен потписник. Поради ова фунционирањето на институцијата беше доведено во прашање.
Лилјана Кузмановска, рече дека пратениците ов ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат поддршка за неговиот избор, бидејќи тој доаѓа од редот на ревизорите. Изборот на главен државен ревизор е многу важен, бидејќи, како што потенцира, Државниот завод за ревизија е еден од клучните сегменти во контролата на трошење народни пари.
На 6-ти овој месец, едногласно беше донесена одлуката на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата Ацевски да му биде предложен на Собранието за избор за главен државен ревизор.
Комисијата заклучи дека е потребно да се комлетира оваа институција пред изборите, со цел да може да си ги врши своите законски и уставни надлежности.
Собранието денеска, исто така, го именуваше Крсте Шајновски за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
За предлогот не гласаше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека со неговите активности покажал дека е партиски кадар на СДСМ, а не професионалец.