Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, во однос на барањето итно да се изласа закон за забрана на увоз на отпад што се користи како гориво, изјави дека со забрана не се решаваат работите во животната средина, туку со регулирање и мониторирање и со интегрирана акција базирана на наука. Според Макрадули, предлогот за забрана не бил решение, туку само популизам.
Предлогот го достави ДОМ, а активисти од движењето „Петоци за иднината“ протестираа барајќи тој да се стави на дневен ред во Собранието.
Во гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, Макрадули рече дека РДФ што Цементарницата Усје го користи како енергенс не е опасен отпад и не е извор на аерозагадувањето како што се тврди.
– РДФ-от е неопасен отпад кој се добива од различни комбинации на отпад – комунален, индустриски, од текстил, од калта од пречистителни станици… Тие хемиски се обработуваат и се создава алтернативно гориво. Добро е државата да има свој погон што ќе произведува РДФ за да може да го контролира уште повеќе и посигурно. Тоа требаше да го направи Дрисла. За жал, тие не го исполнија договорот и една од обврските за да може од отпадот што го имаме да не се создаваат купишта, туку да се преработи и тој отпад да го нема – изјави Макрадули.
Според Макрадули, неточни се тврдењата дека е забранет во ЕУ и посочи дека во цементарниците во Шведска и Норвешка РДФ се користи 60-70 отсто.
– Во Србија е забрането, но не и во Хрватска, Чешка и во Албанија како што велат. Лицемерно што протестите ги поддржуваат и пратеници од опозицијата затоа што дозволата за да користи РДФ-отпад Цементарница Усје ја доби токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ кога МЖСПП им одобри да увезат 25 илјади тони – изјави Макрадули.
Дозвола за увоз на отпад кој се користи како енергенс имаат цементарницата Усје и ФЕНИ, но минатата година неа ја искористила само Усје. Како што соопшти Макрадули, во 2019 година Цементарницата увезла 5000 тони РДФ.
Во врска со издвојувањето на камионите на Царина во Гевгелија од кои се земени примероци на отпад не е прв случај и дека Државниот инспекторат за животна средина и другпат правел вонредни контроли. Резултатите од примероците пратени на испитување во лабораторија во Естонија се чекаат за десетина дена.
Макрадули е категоричен дека најголем загадувач на воздухот е затоплувањето во домаќинствата и во јавните институции кои се греат на нафта, мазут и јаглен или со штетни материи како гуми. Според него, единствено решение за намалување на штетните емисии и ПМ-честички е промената на начинот на греење и поврзување на гас или на топловодни мрежи.