Во ек кога „Пошта“ тоне длабоко во долгови новиот директор Јани Макрадули решил да вработува 280 луѓе. Со јавниот оглас ќе се вработат партиски војници на 280 работни места на неопределено време – ваква информација беше објавена утринава.
Неколку часа подоцна се огласи новиот директор Макрадули. Вели дека не станува збор за отворање на нови работни места, туку за кадар кој и досега работел во Пошта, но под договор на определено време.
–Во интерес на вистината, а по изнесените лаги од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, важно е да се нагласи дека не станува за отворање на нови работни места и дополнителни финансиски трошоци на компанијата, бидејќи во моментов овие позиции ги извршуваат лица на кои им истекуваат договорите за вработување, а кои досега беа склучувани на определено работно време. Со цел непречено овозможување на услугите, особено земајќи предвид дека А.Д. „Пошта на Македонија“ е давател на универзална поштенска услуга во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај, како и дополнителна транспарентност и отвореност, компанијата за овие позиции распишува јавен оглас за работна позиција – пошторазнесувачи, на неопределено работно време, кој е отворен за секој заинтересиран граѓанин, вели Макрадули во изјава за Фокус.
Според него овој оглас бил првично распишан во текот на месец февруари 2020 година, но не е реализиран, следејќи ги насоките и препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) заради почитување на законските прописи, како и избегнување на било какво влијание во рамки на изборниот процес.