Македонија 04. август 2019. / 22:44

Макпетрол: Жалиме што го изоставивме „Македонски“ пред Македонска Каменица и Македонски Брод

Макпетрол: Жалиме што го изоставивме „Македонски“ пред Македонска Каменица и Македонски Брод

Откако Макпетрол ја објави мапата каде се изоставени ознаките Македонски пред Македонска Каменица и Македонски Брод, компанијата наиде на многу бурни реакции од страна на граѓаните. Од компанијата вечерва излегоа со соопштение:

– Во врска со наводите поврзани со мапата што Макпетрол АД Скопје ја дели на странските туристи на граничните премини Табановце и Богородица би сакале да ја информираме јавноста и нашите потрошувачи дека Макпетрол овластено ја превзема и користи наведената мапа таква каква што е од овластен картограф – изработувач на мапи. Од наша страна мапата е дополнета со симболи што се однесуват на местоположбата на нашите бензински станици на главните патни правци во земјата. – велат од Макпетрол.

Тие изразија жалење што не забележале дека се променети топонимите на Македонски Брод и Македонска Каменица.

– При тоа останатите содржини на мапата не се менувани, односно сите топоними се оставени непроменети во својата изворна форма. За жал, во процесот на техничката подготовка не сме забележале дека топонимите Македонски Брод и Македонска Каменица, во користената карта се наведени како Брод и Каменица без додавката македонски, најверојатно заради недостаток на простор.

Се извинуваме за ненамерната техничка грешка и ја уверуваме јавноста и нашите потрошувачи дека при печатење на наредните изданија на мапата нема да дојде до вакви или слични технички пропусти. – соопштуваат од компанијата.