Македонија 30. декември 2019. / 13:13

Македонскиот дипломатски синдикат против новиот закон: Елитистичко друштво за убивање на дипломатијата

Македонскиот дипломатски синдикат против новиот закон: Елитистичко друштво за убивање на дипломатијата

Нацрт Законот за надворешни работи кој што минатата недела беше предмет на разгледување во матичната куќа, во саботата експресно поминал во Владата и стана Предлог-закон и покрај тоа што Македонскиот дипломатски синдикат аргументирано оспори половина од нацрт текстот (поточно 50 од 120 члена). Брзината со која по секоја цена се пристапи кон менување на Законот, и покрај тешките прекршувања на процедурата за што алармираше Министерството за информатичко општество и администрација, јасно покажуваат дека вистинска цел на новиот Закон за надворешни работи не е во интерес ниту на вработените, ниту на поставувањето на дипломатијата на професионални, цврсти и долгорочни основи, вели во соопштение Македонскиот дипломатски синдикат.

Нацрт текстот е далеку од Закон за надворешни работи. По својата содржина и цели тој повеќе претставува недоработен Закон за служба, какви што ги имаат Армијата и Полицијата. Во тенденцијата да создаде елитистичко друштво на кариерни дипломати, нацрт текстот целосно „го пушта низ вода” пред се административниот персонал во дипломатијата кој што сработува најодговорни работи, како на пр. прием и обработка на најдоверливи класифицирани информации, финансии и сл.  Исто така, со поставувањето голем број пречки, младите дипломати и оние од среден ранг, се буквално запрени во своето кариерно напредување до некоја друга прилика. Можеби до брзото менување на Законот.

Згора на се, и покрај спротивните вербални залагања и уверувања од страна на министерот, нацрт текстот е олицетворение на еден високо централизиран акт и концентрација на моќ во рацете на Министерот и Колегиумот (именуван речиси целосно од министерот) која задира дури и во работните права и егзистенцијата на вработените.

Како синдикална организација во чија основа на организирање лежат солидарноста и работните права, подолг период укажуваме, а сега и бараме најитно повлекување на овој елитистички проект и негово изготвување од почеток, во една транспарентна процедура. Не гледаме зошто е потребно волкаво брзање и донесување контроверзен законски текст, кој и според зборовите на еден од пишувачите, претставува влез во неизвесност, т.е.  Terra incognita (Непозната земја).