Македонска Навигација (М-НАВ) објави повик до сите заинтересирани полнолетни лица, на возраст до 25 години, да се пријават за една од најценетите, но и најодговорни професии – контролор на летање.
„Со порастот на бројот на летови и прелети на нашето небо, се зголемува и потребата од нови кадри во одделот што е најдиректно одговорен за безбедноста и контролата на воздушниот сообраќај во Македонија“, наведува компанијата давател на услуги во авиосообраќајот и додава дека за таа цел во тек е процесот на регрутација и селекција на кандидати за обука за контролори за летање.
Покрај старосната граница до 25 години (да не наполниле 26 години), кандидатите треба да имаат завршено средно образование и да имаат потврда за знаење на Англиски јазик најмалку на ниво на Б2.