Медиуми кои доминантно известуваат фаворизирачки кон власта, се помалку простор за опозицијата, постојани напади кон критичките медиуми и многу сомнителни пари во провладините медиуми – ваква е медиумската слика во Македонија, за време на владеењето на Социјалдемократите и нивниот премиер Зоран Заев.
Последен пример за цензурата која владее во македонските медиуми е провладината комерцијална телевизија „Телма“ која во изминатите месеци воопшто не ги презентира ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ но и на другите партии кои не се поврзани со власта.
Сопственик на оваа телевизија е најголемата нафтена компанија во земјата „Макпетрол“ која токму во моментите на цензура со власта преговара за огромна зделка поврзана со гасоводот „Гама“ кој треба да се продаде.
Последниот пример за цензура од страна на „Телма“ беше откажувањето на интервју со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
-Цензура како во најлошите времиња на комунистичките режими. Утре требаше да гостувам на националната телевизија Телма. Бев известен дека уредништвото на телевизијата не е среќно да се чуе гласот на најголемата политичка партија. Гостувањето откажано. Причините може да се претпостават. Ова е само приказ за еден брутален недемократски атак кој има функција да го прикрие стравот на Заев и власта и да ја замолкне опозицијата. – изјави Мицкоски по откажувањето на интервјуто,
Од сите приватни телевизии, може да се нотира дека единствено „Телевизија Алфа“ е критички настроена кон власта. Поради своите активности, истата во изминатиот период е под континуиран притисок од страна на власта, често на пресконференциите на владејачката СДСМ може да се слушне како оваа телевизија се обвинува за анти-државни активности.
Слично е и со весниците. Дневниот весник „Слободен Печат“ претставува еден од стожерите на провладината пропаганда, весникот „Вечер“ по доаѓањето на СДСМ на власт направи уредничка трансформација со која практично доби провладин наратив. Единствениот весник, за кој може да се каже дека настапува неутрално е „Нова Македонија“.
Кај порталите пак, очигледно е дека во изминатиот период како печурки никнуваат нови информативни сајтови кои известуваат комплетно фаворизирачки за власта и со постојани критики за опозицијата.
Во мај годинава, „Лидер“ објави истражување за провладината порталска машинерија насловено како „ДУВЛО ЗА ЛАЖНИ ВЕСТИ“ во кое беа објаснети контурите на владината пропаганда во делот на порталите.
Се претставува како невладин активист, а работи за владејачката СДСМ
Тема на одработка во едно од продолженијата беа се порталите кои директно шират лажни вести и пропаганда за СДСМ, а се под контрола на Џабир Мемеди кој во јавноста лажно се претставува како Џабир Дерала.
Џабир Мемеди е долгогодишен невладин активист, јавно инструиран во партиска пропаганда. Тој во јавноста лажно се претставува со презимето „Дерала“ кое до скоро не му беше внесено во официјалните документи, а ја води невладината организација „Цивил“.
Мемеди говореше на митингот на владејачката СДСМ одржан на 17.02.2019 година, а во исто време се претставува како независен експерт за избори, уметник и новинар. Иако на овој митинг тој јавно ја критикуваше македонската опозиција, тој се претставува како непартиско лице.
Овој невладин активист ја води веб страницата cıvılmedıa.mk која е позната по водење на пропаганда и лажни вести во полза на власта. Чудно е како една невладина организација, која вели дека се бори за граѓански слободи, всушност се бори за поддршка на власта и критика на опозицијата. Оваа невладина организација во изминатите години има пријавувано приходи од неколку милиони евра, за кои до ден денес не е познато од каде доаѓаат.
Инаку, колумнист на „Цивил Медиа“ на Дерала е познатиот провладин пропагандист Сашо Орданоски, кој беше дел од шемата на Катица Јанева која сега одговара во случајот Рекет. За Орданоски имаше издадено и безбедносен сертфикат за пристап до државни тајни, за кој се уште не знаеме зошто е издаден.
Покрај контроверзниот Орданоски, во тимот на пропагандистичката „Цивил Медиа“ се и извесните Биљана Јордановска, Маја Ивановска, Дехран Муратов, Дијана Тахири, Ангела Петровска и Ариан Мехмети, а како соработници се наведени Арбен Зеќири и Игор К. Илиевски – никој од нив не е познат на новинарската јавност во земјава.
Никој не знае како овој медиум заработува, гломазната редакција нема наведено ниту една комерцијална реклама, а е водена од непрофитна организација, што отвора јасен сомнеж дека овој пропагандистички портал се финансира од црни пари.
Сумите кои се вртат околу Дерала се огромни, а никој нема претстава од каде му доаѓаат.
Физичко лице е газда на портал во кој има вработени!
Се чини црните пари се симбол за активистот на СДСМ, Џабир Дерала. Проверката во регистарот на Марнет, покажува дека тој е сопственик на порталот frontlıne.mk кој исто така води брутална пропаганда за власта.
Чудно е како е можно физичко лице да поседува портал во кој има неколку вработени. Во импресумот на Фронтлајн се наведени извесните Биљана Јордановска, Ивана Терзиевска Зафировска, Јане Ѓорѓиоски, Искра Ежова, Ана Неделковска Стојчевски, Арбен Зеќири, Симона М. Живкова.
Дел од овие лица се поклопуваат со редакцијата на „Цивил Медиа“, а чудно е што на вториот портал на Дерала, исто така нема ниту една комерцијална реклама, што отвора сомнеж дека и овој вебсајт се финансира со црни пари.
Како добиваат плата новинарите на „фронтлајн“ кој не е во сопственост на правно лице, никој не кажува. Дали за својата работа добиваат пари преку други фирми? – што е кривично дело – или на рака што исто така е кривично дело, останува непознато.
Инаку, името на Џабир Дерала (со оригинално презиме Мемеди) се поврзува со неколку скандали, помеѓу кои и оној за земени пари од Агенцијата за медиуми за документарец кој никогаш не беше изготвен – скандал за кој постоеше и судски процес.
Ресенска фирма, се претставува како новинска агенција!
Низ медиумските кругови, веќе на големо се зборува дека шефот на прес службата на владата заедно со шефот на една невладина организација и еден поранешен шеф за односи со јавноста во министерството за култура – основале дувло за пропаганда и лажни вести во близина на штабот на СДСМ.
Во стан, тие секојдневно се собирале и ја подготвувале владината пропаганда, а плеjада од ботови истите материјали ги распростанувале по нивните сајтови и социјалните мрежи.
Сајтовите им се поделени на неколку „крила“, во неколку фирми, а има и такви позади кои стојат физички лица.
Човек-портал класифициран како професионален медиум
Еден од медиумите кои засилено шират лажни вести и пропаганда во полза на власта, е порталот centar.mk, кој претходно се викаше sky.mk. Скај постоеше подолго време, но откако стана познат по блискоста со партијата СДСМ, се ребрендираше за повторно да се продава како независен медиум.
Во импресумот на порталот centar.mk, стои само едно лице, лицето Јован Соколевски кое е целосно непознато за новинарската јавност во Македонија.
Иронијата оди до таму, дека портал со еден вработен е регистриран како професионална новинаска агенција од страна на Здружението на новинари на Македонија и Советот за етика во медиумите.
Овој сајт, со само еден вработен од овие две невладини организации блиски до СДСМ го квалификувале како професионален медиум и истиот може да се најде на сајтот на ПроМедиа.
На прашањето зошто ЗНМ и СЕММ оваа човек фирма ја претставиле како професионален медиум, сеуште нема одговор.
Фирма од Ресен се претставува како новинаска агенција – има и сомнителни пари!
Проверката во централниот регистар, покажува дека овој портал е во сопственост на компанијата Скај Пресс од Ресен, каде исто така како сопственик и управител се јавува единствениот вработен во импресумот на порталот – Јован Соколевски.
Во исто време, проверката покажува дека фирмата сопственк со еден вработен во 2018 инкасирала 725.758,00 денари или нешто над 11.000 евра.
Затоа што се работи за сајт кој има хипер продукција на објави, се отвора прашањето дали можеби тој е полнет од Дувлото за пропаганда и лажни вести кое е под контрола на СДСМ? Еден човек, практично не може да објави по седумдесетина објави на ден, колку што објавува овој сајт.
Симптоматично е што овој портал регистриран во Ресен, како контакт број има оставено телефонски број со префиксот „02/“ кој е за Скопје. По што се отвора сомнеж дека истиот се уредува во главниот град од непознат центар.
Задолжен за пропаганда во Специјалното обвинителство, сега секое утро „информира“ во полза на власта
Новинарот Сашо Орданоски беше еден од ангажираните во Специјалното Јавно Обвинителство, кое заврши неславно откако главната обвинителка Катица Јанева беше фатена дека рекетира заедно со сопственикот на сега веќе згаснатата провладина телевизија „1 ТВ“ Бојан Јовановски.
Ордановски освен во СЈО, каде за ангажманот доби безбедносен сертификат за пристап до државни тајни, беше ангажиран и во телевизијата на Јовановски.
Откако телевизијата згасна, тој доби нов ангажман во весникот Слободен Печат, каде наутро настапува во видео стрим како новинар кој информира за дневните случувања, нормално во полза на власта.
Очигледно е отсуството на комерцијални објави во утринската програма, по што се поставува прашањето кој го финансира ова?
Како се финансираат провладините медиуми?
Очигледно е огромното присуство на пари во провладините медиуми, но, во исто време очигледно е дека никој не открива како тие се финансираат?
Во кулуарите се вртат теми за милионски суми кои преку свои блиски компании власта ги вбризгува во медиумите за тие да информираат позитивно за неа. Во исто време, весниците добиваа огромни пари од власта, која своите медиуми ги зајакна и со реклами за време на изборите.
Медиумската слика за Македонија е јасна, државата е заробена, медиумите се контролирани од еден центар.