Македонија 12. јули 2019. / 22:36

Македонија со помош на НАТО ќе воведе нов систем за справување со катастрофи

Македонија со помош на НАТО ќе воведе нов систем за справување со катастрофи

Македонија спроведува нов систем за подобрување на интервенциите во реално време и подобро справување со катастрофи како што се лизгање на земјиштето и поплави, со помош на НАТО, објави Алијансата на својата официјална интернет-страница.

Командниот систем за инциденти од новата генерација (НИЦС) е поддржан од научната програма на НАТО за мир и безбедност (СПС). Откако ќе се воспостави, ќе им овозможи на првите одговорни лица брзо и ефикасно да разменуваат информации за последиците, вклучувајќи ГПС локации или слики преку мобилни уреди.

Овој проект е пример за тоа како Програмата СПС ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО, помагајќи да се подготват земјите-кандидати како Северна Македонија да придонесат за заедничката безбедност и стабилност како предуслов за членство во Алијансата – рече д-р Антонио Мисироли, помошник-секретар на НАТО за новите безбедносни предизвици по неодамнешната посета на Скопје.

Македонија успешно го тестираше системот за време на теренските вежби организирани од Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи (ЕАДРЦЦ) во 2017 и 2018 година. Повеќе од 500 претставници од различни институции се обучени за користење на НИЦС и сите релевантни јавни тела да се интегрираат и да може да го користат од крајот на 2020 година.