Мерките за лична заштита почнаа да даваат резултати, но не е исклучено да бидат донесени рестриктивни мерки, изјави премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју за ТВ 21.
Истакна дека будно се следат состојбите со Ковид-19 и граѓаните треба да знаат дека на 1 ноември R факторот на преносливост се намалува и тоа ќе продолжи така доколку продолжат да се спроведуваат актуелните мерки за заштита.
Тој рече дека се прават анализи за некаква форма на карантин или други рестриктивни мерки.
-Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски од 21:00 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17:00 или од 18:00 ќе има подобри резултати и сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски и можно е таму да се дефинира некоја од мерките, рече Заев.
Потенцираше дека јавниот здравствен систем ги има сите капацитети и сé е ставено на располагање за справување со КОВИД-19.
-Во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручни кадри за справување со оваа ситуација, нагласи Заев.
Од друга страна, доцна синоќа излезе информацијата дека Владата ќе препорача на претседателот на државата, Стево Пенадаровски и на Советот за безбедност прогласување кризна состојба, која треба да се однесува најверојатно на територијата на целата држава, објави ТВ 24.
Како што објавува телевизијата, кризната состојба не значи полициски час, ниту карантин, туку состојба која ќе овозможи подбро функционирање на институциите и на фунакциите на државата, како што се полицијата, здравството и армијата.
Вонредна или кризна состојба двете состојби предвидуваат генерално исти мерки, кои би значеле построга контрола и поголеми забрани за граѓаните.
Последната одлука на комисијата за заштита од заразни болести беше дека не се потребни дополнителни мерки и рестрикции за заштита од ширење на Ковид-19.
Вирусот и понатаму не стивнува. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 31 починат од ковид-19 и уште 977 новозаразени. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 48.613, бројката на оздравени пациенти е 28.646, на починати е 1.376, а бројот на активни случаи изнесува 18.591.
Статистиките покажуваат дека од земјите во регионот, Македонија е со најголема стапка на смртност.