Епидемијата корона вирусот во Македонија продолжува да се шири, а бројот на заболени секојдневно постепено се зголемува. Во земјава има вкупно 854 заразени, од кои најголем број се од Скопје – 316, по што следуваат Куманово – 211, Прилеп – 75, Дебар – 49… Излекувани се 44 пациенти, а починати се 38. Од вкупниот број заболени, 117 се здравствени работници.
Министерот за здравство, Венко Филипче, информира дека се обратиле до Јапонската амбасада за донирање на една форма на антивирусен лек односно дополнителна терапија како помош за сите земји.
Во однос на дополнителна терапија очекуваме да стигнат документите за делот од терапијата што доаѓа преку студијата од светската здравствена организација. Се обративме и официјално до Јапонската амбасада заради тоа што Јапонија најави деќа ќе донира една форма на антивирусен лек како помош за сите земји – изјави Филипче.
По примерот на повеќе земји, се очекува и во државава да почне лекувањето на заразените со вирусот со крвна плазма од излекувани пациенти.
За користењето на крвната плазма подготвен е протоколот и се работи на нејзино техничко подготвување.
Колегите од Институтот за трансфузиологија се подготвени технички да го изработат одделувањето на плазмата, односно фракционирањето, а потоа ќе биде идницирано да се даде на одредена група на пациенти, согласно параметрите и начинот на манифестација на болеста – најави Филипче.
Како што вели министерот, во третманот на дел од пациентите со корона вирус на Клиниката за инфективни болести терапијата од комбинацијата на двата лека хлорокин и азитромицин дава резултат и добар дел од нив се пуштени на домашно лекување, но кај пациентите со најтешка форма на болеста таа не дава резултати.