Македонија 19. јануари 2020. / 09:00

Македонија масовно слави Богојавление – Водици

Македонија масовно слави Богојавление – Водици

„Бог се јави – вистина се јави“, е поздравот со кој верниците на 19 јануари секоја година го честитаат празникот Богојавление-Водици. Се прославува во сите земји што имаат православно христијанско население. Тој настан веќе два милениума е причина зошто христијанските народи, меѓу кои и православните Македонци во татковината и во светот на најсвечен начин го одбележуваат празникот Богојавление.

Според теолозите, на тој ден синот божји бил крстен во реката Јордан, а од тогаш крштевањето се слави како духовно раѓање и почеток на човековото живеење на верата. Крстот е симбол на христијанството, а света должност е тој да се сака и да се чува. Затоа и за секој православен верник е чест да се извади крстот од водите на реките или езерата во земјава, особено кога тоа се прави во голема конкуренција на капачи.

Церемонијата во Скопје ќе почне со Богојавленската литургија во 9 часот во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“. Оттаму г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА со свештениците се упати на мостот кај хотелот „Холидеј ин“, каде што во водите на Вардар ќе го спушти крстот и ќе ги поздрави верниците со зборовите „Бог се јави“, на што тие ќе му возвратат со „Навистина се јави“.

Се смета за еден од најголемите христијански празници, со кој му се дава значење на крштевањето како една од светите тајни на христијанството. Според теолозите, крштевањето значи и духовно раѓање, односно со самиот чин на крштевање почнува живеењето на човекот во верата.

– Со овој празник завршуваат дванаесетте некрстени дена, како и циклусот зимски празнувања, во кои спаѓаат прославувањата на Бадник, Божиќ, Нова година и на Василица, објаснуваат теолозите.

Традицијата на спуштањето на крстот во водите датира уште од времето кога патријархот ги осветувал водите на Босфор во Константинопол, денешен Истанбул. Тој го спуштал крстот со јаже или со конец, за да ги освети водите, а потоа си го повлекувал назад. Верниците му предложиле наместо да го враќа назад крстот со јажето, тие да му го даваат од водата и на тој начин да испросат благослов.