Македонија 01. септември 2018. / 17:51

Македонија ќе го укине зимското сметање на времето ако така одлучи ЕУ

Македонија ќе го укине зимското сметање на времето ако така одлучи ЕУ

И Македонија ќе го укине зимското сметање на времето, доколку оваа одлука на Европската Комисија помине во Европскиот Парламент и биде прифатена од сите земји члени на ЕУ. Од Владата велат дека укинувањето на летното и зимското сметање на времето во Македонија би било дел од интегративните процеси на земјава во приближувањето на целокупното законодавство кон европското.

„Стратешкиот интерес на РМ е членство во ЕУ така што во рамките на интегративните процеси ќе се прави усогласување со сите активности и одлуки кои ќе бидат донесени од земјите членки на ЕУ во претстојниот период“, велат од Владата на РМ.

Бизнисмените во земјава веќе се имаат изјаснето. За нив е логично одлуката да се примени и кај нас, зашто ЕУ е нашиот најголем трговски партнер и над 80 отсто од извозот е насочен на европскиот пазар.

„Доколку Унијата одлучи ваквото сметање на времето да се усогласи тогаш би требало да се размислува во тој правец и кај нас, со тоа што треба да се направат многу пошироки анализи и согледувања какви ефекти тоа би предизвикало во нашето стопанство“, велат од Стопанската Комора.

Дали промената на сметањето на времето ќе се случи уште оваа есен ќе зависи од одлуката на Европскиот Парламент. За укинување на летното време, веќе се изјаснија Литванија, Естонија, Летонија и Финска. Германија досега нема изнесено став. Но он лајн анкетата на која гласаа 4,6 милиони европејци, покажала дека дури 84 проценти не сакаат да им се поместуваат стрелките на часовникот на секои шест месеци.

Зимското и летното сметање на времето во Македонија но и во Европските земји е воведено во 1996 година. Стрелките на часовниците се поместуваат два пати годишно. Во последната недела од март и последната недела од октомври.

Различното сметање треба да овозможи подобра искористеност на дневната светлина и со тоа – заштеда на енергија. Вистинската полза од промената на времето, меѓутоа, е спорна. Освен тоа, многу луѓе се жалат на здравствени проблеми.