Со последното деноноќие бројката на заболени во земјава од почетокот на епидемијата се искачи на 1.526 лица, од кои 86 се починати. Во моментов бројот на активни случаи изнесува 427 пациенти.
Според последните податоци објавени од Министерството за здравство, на Клиниката за инфективни болести вкупно се хоспитализирани 41 пациент. На кислородна поддршка се 19 пациенти, а на механичка вентилација еден. Во ГОБ „8 септември“ вкупно се хоспитализирани 14 пациенти, тројца пациенти се на респираторна машина, а четворица се со потешка клиничка слика.
Во болницата во Битола се лекуваат четворица пациенти, а на домашно лекување се следат уште двајца пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани четворица пациенти, а уште тројца се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Охрид и Тетово се хоспитализирани 52 позитивни и суспектни на Ковид-19.
Од почетокот на појавата на корона вирусот, регистриран е првиот случај на заболен пациент кој е тргнат од респираторна машина откако пред три недели бил примен во тешка состојба. Тој пет-шест дена примал озонска терапија, антибиотици и антиинфламаторни лекови. Триесет и седумгодишниот пациент е хоспитализиран во Градската општа болница „8 Септември“ и, според директорот на болницата Христијан Костов, сам дише и неговата состојба е стабилна.
Му треба време на организмот. Ние пробуваме. Ако му падне сатурацијата (присуството на кислород во крвта) може повторно да го ставиме на респираторна машина. Мора да му се даде време. Неопходни се 24 до 48 часа за да сме целосно сигурни дека на пациентот не му треба респираторна машина. Ова е резултат на ангажманот на целата екипа во болницата која макотрпно работи – изјави Костов за МИА.