Во спортските обложувалници граѓаните најчесто играат на сто денари, а поголемиот дел од нив не вложуваат повеќе од двесте денари.
Овие навики на македонските обложувачи ги открива анкета што ја спроведе Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), во која членуваат најголемите обложувалници во државата. Во анкетата дури 75 проценти од испитаниците како максимален износ на кој играат наведуваат двесте денари, а најголемиот дел од нив изјавуваат дека најчесто вложуваат по стотка.
Ниту за брза заработка, ниту од навика – на прашањето зошто одат во спортска обложувалница, најголемиот дел од испитаниците, дури 79 проценти, изјавуваат дека причината е дружење и забава, а 74 проценти да го следат спортот преку игра.
Измените на Законот за игри на среќа со кои се предвидува да нема спортски обложувалници на половина километар од училиште или градинка, според АСОМ, учесниците во нивната анкета не ги поддржале како исправни корисни.
– Истражувањето на јавното мислење на АСОМ покажа дека 53 проценти од испитаниците сметаат дека евентуалната дислокација на обложувалниците нема да доведе до промена на навиките на спортско обложување, односно дека поголемо влијание имаат други фактори освен локацијата на објектите. Дека Законот е веќе строго и прецизно регулиран се изјасниле 61 отсто од испитаниците, а повеќе од половина од граѓаните се согласуваат дека доколку се случат измените во законот, луѓето ќе продолжат да се обложуваат на црно – вели Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
Дека ќе се обложуваат на црно се изјасниле 73 проценти од испитаниците, дека ќе се обложуваат он-лајн, што кај нас е забрането, рекле 69 отсто, а 53 проценти оцениле дека со дислокација на обложувалниците ќе се поттикне сивата економија.
Инаку, со измените на законот се предвидува просториите на казината, обложувалниците,автомат клубовите, видеолотарија, електронско бинго и електронско кено, да се оддалечени 500 метри воздушна линија од основни и средни училишта, факултети, универзитети, институти, библиотеки, детски градинки, домови за згрижување на деца без родители и слични установи.
Од АСОМ велат дека примената на овој закон ќе значи клуч на врата за обложувалниците, зашто реално, не може да се запази предвидената оддалеченост поради густата мрежа на институции до кои не смеат да бидат. Затворањето, пак, ќе биде причина без работа да останат 7.700 директно вработени, кои одржуваат уште по седум работни места во други стопански гранки, а во загуба ќе биде и државата.
– Три проценти од приходот од игрите на среќа одат во Агенцијата за спорт и млади, па така само во 2018 година благодарение на индустријата на игрите на среќа, обезбедени се еден милион евра, директни инвестиции за развој на спортот и младите – вели Илијевски.
Тој информира и дека од индустријата на игри на среќа во државниот буџет лани влегле 250 милиони евра, а во плати на вработените се вложиле 32 милиона евра.