Македонија 23. декември 2018. / 13:46

„Лидер“ дознава: Ангелка Пеева – Лауренчиќ потенцијален кандидат на ЛДП за претседател на државата

„Лидер“ дознава: Ангелка Пеева – Лауренчиќ потенцијален кандидат на ЛДП за претседател на државата

Доколку Либерално Демократската Партија (ЛДП) одлучи да настапува самостојно на претседателските избори кои што ќе се одржат во првата половина од наредната година, најсериозен потенцијален кандидат за претседател е Ангелка Пеева – Лауренчиќ, која е истакнат член на оваа политичка партија – дознава „Економски Лидер“ од извори во партијата.

Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, во интервју за „Економски Лидер“, изјави дека неговата политичка партија сериозно размислува самостојно да настапи на претстојните претседателски избори.

– Ние веќе разговараме со неколку потенцијални кандидати кои можат да одговорат на оваа важна функција како од редовите на ЛДП така и надовр од нашето членство. Конечната одлука за тоа ќе се донесе во текот на февруари.

 

На Македонија и треба европски ориентиран претседател, либерален претседател кој ќе гради мостови на соработка со сите соседи и меѓународната заедница. Претседател почитуван од светот а не претседател изолиран кој живее со своите предрасуди и национализми. – рече Милевски во интервјуто за Лидер.

Како што неофицијално дознаваме од  високи функционери на партијата, како потенцијален кандидат во структурите на ЛДП најсериозно ја разгледуваат токму Ангелка Пеева – Лауренчиќ, која е долгогодишен активен политички чинител, но и важи за жена со силни конекции во бизнис секторот.

Ова нема да биде прв политички ангажман на оваа дама која своевремено, пред соединувањето на Либерална и Демократска партија, беше претседател на Либерална Унија на Млади (ЛУМ), а беше дел и од пратеничкиот состав на ЛДП од 2002-2006 година.

Подоцна, Пеева – Лауренчиќ од политиката преминува во бизнис секторот, каде што веќе 15 години е прв човек на една од најголемите агенции за односи со јавноста во Република Македонија, „Имиџ ПР“.

Ангелка Пеева – Лаурениќ е родена во 1969 во Штип, покрај тоа што е долгогодипна успешна приказна во бизнис секторот, мајка е и на две деца.

Нејзиниот покоен сопруг, Иво Лауренчиќ, претставуваше пионер во маркетинг бизнисот во поранешна СФРЈ, а потоа и во Македонија каде што ја основаше агенцијата „Идеа Плус“. Во оваа агенција за одноиси со јавноста активно работела и потенцијалната кандидатка за претседател на државата.