Државната комисија за спречување корупција се почесто ги губи предметите пред Управните судови. Наспроти очекувањата на јавноста од нејзината работа, таа полека, но сигурно тргнува по стапките на веќе фамозното СЈО.
Но, тоа што загрижува е што од пресудите на Управниот суд може да се види дури и запрепастувачко непознавање на правото, па дури и на сопствениот Закон за спречување корупција и судир на интереси. Па така, се случи антикорупционерите да го применат овој Закон врз лице кое воопшто не е опфатено со него! А, образложението е вистинска лекција за нив, па тие ќе мора да ја проучат пресудата за да не се резилат и повторуваат вакви грешки, со кои истовремено им нанесуваат штети на угледот на лицата, кои се опфатени со нивните одфлуки.
Во конкретниот пример станува збор за универзитетски професор и проректор на еден од универзитетите, кого антикорупционерите го третирале како избран и именуван функционер, иако проректорите ниту ги претставуваат, ниту ги застапуваат универзитетите, ниту пак се одговорни лица! А, според антикорупционерите, „гревот“ на проректорот бил тоа што истовремено бил и член на Надзорен одбор на една приватна странска банка.
Пресудата на Управниот суд датира од 4 февруари годинава и веројатно оставило многу зацрвенети лица меѓу членовите на ДКСК.
Управниот суд, меѓу другото, во пресудата наведува дека тужената страна, односно ДКСК, во своето Известување и барање за постапување по предметот на проректорот од 3 септември минатата година не навел поука за правно средство, на кој начин е прекршен Уставот на РСМ и Законот
за општата управна постапка, со што актот го прави ништовен според членовите 14, 88,
118 и 119 од Законот за општата управна постапка. Натаму, дека Тужениот (ДКСК)
не прави разлика помеѓу управни органи и надзорни органи, согласно со Законот за
трговски друштва и Законот за банки и оти одредбата на која се повикува од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се однесува на членување во Управен одбор или друг орган на
управување, а не станува збор за надзорен орган, каде што проректорот е член!
Управниот суд, се вели во продолжение на неговата пресуда смета да тужениот (ДКСК) не прави разлика помеѓу одговорно лице, службено лице, избрано лице, именувано лице и вршење на функции.
Но, посебно внимание предизвикува делот од пресудата во кој се прифаќа наводот на тужителот, односно проректорот според кој се поставува прашање под кој закон ДКСК работи како јавен орган, кој според нивно сваќање е специфичен државен орган, односно орган, за чии акти не е дозволена ниту жалба, ниту поведување управен спор, односно не е дозволена никаква правна заштита и, според тоа, не може да биде
подведено на контрола од било кој орган, односно суд! Што ќе рече дека антикорупционерите се ставаат над Уставот и законите и со ваквото свое однесување самите го подјадуваат сопствениот интегритет и дигнитет.
Управниот суд наведува уште многу, најблаго речено, небулози од постапката на ДКСК во врска со проректорот, што тешко може да се зберат во еден текст.
Меѓу досега „паднатите“ педмети на антикорупционерите како поважни можат да се издвојат тие за поранешниот претседател Ѓорге Иванов, еден обвинител и ректорот на скопскиот државен универзитет Никола Јанкуловски.