Македонија 14. јануари 2021. / 16:06

Лекари од Македонија дел од мировната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан

Лекари од Македонија дел од мировната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го прими шестчлениот медицински тим од јавното и военото здравство што ќе биде упатен во мировната мисија „Одлучна поддршка“ во Авганистан, од март до септември годинава и ќе работи во рамки на норвешката болница во Кабул.

Тимот од тројца доктори-специјалисти и три медицински сестри, соопштија од кабинетот на Пендаровски, утре заминува во Кралството Норвешка, на тримесечна обука заедно со норвешките колеги кои ќе бидат дел од истата ротација во Кабул. Оттаму, во март тие ќе заминат во Авганистан, како дел од мисијата. Петмина од нив се од јавното здравство, а една е медицинска сестра од Баталјонот за медицинска поддршка на Армијата.

Претседателот Пендаровски на средбата им посакал успех во мисијата и изразил уверување дека нејзината реализација е значаен чекор кон формирањето на хируршки тим којшто ќе биде на располагање на НАТО, обврска што Република Северна Македонија како членка на Алијансата треба да ја исполни до 2028 година.

– Со реалицијата на оваа мисија, Република Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата посветеност и подготвеност да придонесе за зајакнување на мирот и стабилноста и да одговори на поставените барања и задачи, овој пат како рамноправна членка на НАТО, рекол претседателот Пендаровски се наведува во соопштението.

Шефот на државата изразил и очекување дека стекнатите вештини и искуство за време на мисијата ќе придонесат и за развој на здравството во нашата држава.