Македонија 23. септември 2020. / 13:26

Кузеска: Граѓаните добија платежни картички во вредност од 26.8 милиони евра

Кузеска: Граѓаните добија платежни картички во вредност од 26.8 милиони евра

Преку мерката „купувам домашно“, како дел од сетот економски мерки, вкупно се изработени и подигнати 309.000 картички во вредност од 26.8 милиони евра, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Од нив 16.5 милиони евра се наменети за 113.000 невработени граѓани и граѓани кои се приматели на социјална помош, над 5.4 милиони евра за 111.000 вработени граѓани со ниски примања, а над 4 милиони евра за 81.000 млади граѓани, како и преку 900.000 евра за 4.000 здравствени работници.

Токму оваа мерка го поддржа и помогна домашниот буџет на граѓаните, ја зголеми потрошувачката, како и работата и производството на домашните компании, рече Кузеска.

Посочи и дека преку мерката „Дома си е дома“, Владата предводена од СДСМ доделила ваучери за туризам на 117.000 граѓани во висина од 12 милиони евра, како директна помош за туризмот и угостителството како едно од најпогодените гранки.

СДСМ како одговорна партија останува посветена на креирање мерки што значат вистинска грижа за сите граѓани, обезбедуваат спас на работните места, како и помош и поддршка на компаниите во најпогодените сектори, изјави Кузеска.

Во тек е подготовката на четвртиот пакет антикризни мерки, со цел поддршка и на работниците и на компаниите.