Кривичниот совет заседава по жалбите на адвокатите на Никола Груевски и по жалбата што тој лично ја поднесе за одложување на затворската казна, објави Нова Тв.
Доколку Кривичниот совет ги одбие жалбите, Груевски нема веќе правни можности да го избегне заминувањето во затвор на издржување на затворската казна.
Во одлуката ќе наведе и термин кога Груевски треба да се јави на издржување на затворската казна.
Целата оваа постапка, го одложи издржувањето на затворската казна. Според упатниот акт, Груевски вчера требаше да се пријави во Шутка на издржување на затворската казна од две години за случајот „Тенк“.
Во меѓувреме Груевски се обидува да остане на слобода и преку Врховниот суд од кој бара вонредно преиспитување на пресудата. Откако поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е исто така осудена во Тенк поднесе жалба до Апелација, целосната документација за предметот треба да биде испратена до Врховниот суд.
Груевски е осуден на двегодишна казна затвор за случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство кое се однесува на набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 илајди евра.
Поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, беше обвинет за примање награда за противзаконско влијание и осуден на двегодишна затворска казна, додека Ѓоко Поповски кој се товареше за злоупотреба на службената положба и овластувања беше осуден на шест и пол години затвор но потоа Апелација му ја намали на четири и пол години затвор. За овој случај, во раздвоена постапка, шест години затворска казна доби и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Собранието денеска не изгласа одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, бидејќи немаше двотретинско мнозинство. Со тоа тој и додека е во затвор ќе биде пратеник со оправдано отсуство.