Македонија 25. февруари 2019. / 17:39

Котевски, иако вети, не ја напушти директорската фотелја во затворот во Шутка

Котевски, иако вети, не ја напушти директорската фотелја во затворот во Шутка

Директорот на истражниот затвор во Шутка Ѓоко Котевски, иако во петокот вети дека денеска ќе поднесе оставка, сепак тоа не го направи.

Поради инцидентот во затворот каде што беа нападнати поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, директорот Котевски, на претходно барање на премиерот Зоран Заев, најави дека ќе си поднесе оставка.

Истрагата покажала пропусти во обезбедувањето на затворот, па од морални причини директорот најави оставка од функцијата, но тој до завршување на работното време денеска нема поднесено оставка.

За потсетување Котевски рече дека оставката ќе ја поднесе во понеделник до кога очекува да заврши и внатрешната истрага за одговорноста на лицата вработени во затворот.

– Зборот на премиерот е последен збор. Ако е прв меѓу еднаквите, треба да се почитува неговиот збор. Јас дополнително ќе разговарам со премиерот бидејќи би сакал ако може да имам простор да ја завршам истрагата и со комплетен извештај да истапам и пред Управата за извршување санкции, пред Министерството за правда и министерката Рената Дескоска и пред премиерот. Ќе ја почитувам одлуката во однос на побараната оставка. Барам само да ја завршам истрагата. – изјави Котевски.

Претходно премиерот го осуди насилството во затворот и побара оставка од Котевски.