Македонија 29. јануари 2020. / 18:50

Костов: Ако СЈО ги донесе ангелите, со новиот закон ќе ги добиеме демоните

Костов: Ако СЈО ги донесе ангелите, со новиот закон ќе ги добиеме демоните

Предложениот закон за Јавно обвинителство не нуди ниту една одлика на позитивно законско решение за обвинителска дејност, што би значело ниту издигнување на повисоко ниво на моралната компонента на обвинителството, нема некакво организационо-техничко, ниту, пак, финансиско средување на обвинителството, истакна Сотир Костов за време на јавната расправа за предлог-законот за обвинителството.

– Во предлогот на законот не е ниту наведено кој точно го предлага, дали е тоа Владата, дали министерството, ниту во која фаза е, туку само дека зад него стои работната група. И самиот Камбовски, како раководител на работната група, кажа дека во предлогот нема нов модел, што значи нема никаква реформа, ниту, пак, дека имале време за нова стратегија. Тоа значи само дека нема респектабилен текст на закон, а на Македонија и неопходно да се донесе респектабилен закон за да почне нова, светла фаза во обвинителската дејност – истакна Костов.

Во својата дискусија, Костов потенцира дека за време на јавната расправа се покажало дека огромно мнозинство, односно 80 отсто од експертите што го изнеле својот став за предлог-законот, биле против негово усвојување во понудената форма.

Костов додаде дека дури и во самиот текст може да се забележи дека тој е евтина и правнички неписмена лешпенка лепенка од стариот закон и од законот за СЈО,

– СЈО беше диво месо, неуставна категорија инсталирана во нашиот правен систем преку договор на политичките партии што беше спротивен на Уставот. Доколку се прифати овој предлог-закон, вака како што е структуиран нема да направиме ништо позитивно. Обвинителите треба да бидат чувари на законитоста и на човековите права, но овој предлог-закон тоа не го овозможува. Ако, како што самите се нарекоа, со СЈО ги добивме ангелите, доколку се прифати ова решение ќе ги добиеме демоните – истакна Костов.

Истовремено, осврнувајќи се на настапот на Џабир Дерала, Костов изрази огромна разочароност од нивото на дискусија и од етикетирањето при кое особено била навредена професорската фела. Според него, крајно невоспитано и недозволливо е некој да ја искористи народната говорница за целосно да ја изгази професијата професор.