Kомисијата за заразни болести изработи Протокол за целокупниот изборен процес од предизборните активности до денот на гласањето. Задолжително ќе биде носењето на заштитна маска, држењето на физичка дистанца, честата дезинфекција на рацете и проветрувањето на просториите.
Според Комисијата за заразни болести, активностите на партиите треба да се одвииваат исклучително со почитување на генералните мерки – физичка дистанца од 2 метри, маска и дезинфекција на рацете. Притоа препорачливо е да се користат разгласни уреди за да нема голема концентрација на граѓани. И при кампањата „врата на врата“ треба да се почитуваат овие мерки, без влегување по домаќинствата, туку пред вратата или во дворот од куќата.
Партиските активности, кога може да се одржуваат на отворено, а во затворено да траат само два часа по што треба да се изврши целосна дезинфекција на просторот. На мобилните партиски штандови да нема повеќе од две лица и да се носат заштитни маски. При партискиот превоз на симпатизерите, во возилата да нема повеќе од 50 % од капацитетот на бројот на седишта и внатре да се носи заштитна опрема.
На денот на изборите членовите на гласачките одбори да бидат со маски и ракавици, просторијата да биде постојано проветрена, на влез и на излез гласачите да ги дезинфицираат рацете и внатре да нема повеќе гласачи од број на гласачки места. Се препорачува и зголемување на времето за гласање од два часа.
Министерот за здравство Венко Филипче очекува сите политички субјекти да ги почитуваат одредбите од Протоколот.
– Протколот беше поддржан од сите членови на Комисијата за заразни болести и мора да се почитува без исклучоци. Сите лидери на лидерската средба кај претседателот Пендаровски се изјасниле дека здравјето на граѓаните е на прво место и очекувам сите да го почитуваат Протоколот, рече Филипче на денешната прес-конференција во Владата.
Протоколот ќе биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски и до премиерот Оливер Спасовски.