Комисијата за заразни болести денеска ќе разговара за евентуално повторно воведување режим со границите на Србија и Косово или затворање на граничните премини со овие земји, имајќи го предвид развојот на ситуацијата со корона вирусот во соседството.
Комисијата за заразни болести активно ја следи епидемиолошката состојба со коронавирусот во регионот и соседните земји и можното враќање на мерките е во насока на превенција од потенцијални ризици по здравјето на населението во Македонија – велат од Министерството за здравство.
Во однос на тоа кога ќе бидат отворени границите за македонските државјани да одат во странство, министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека одлуката за евентуално затворање на границите, нема да биде политичка, туку за тоа ќе треба да го исконтролираме ширењето на епидемијата, бидејќи клучен критериум е епидемиолошката слика.
Прашањето за отворање или затворање на границите нема политика, клучен критериум е епидемиолошката слика. Клучен критериум за ЕУ е блиску до или под 20 нови Ковид-19 случаи регистрирани во последните 14 дена на 100 илјади жители – изјави министерот Димитров.
Според последните податоци, во Србија изминатото деноноќие се регистрирани 359 нови случаи на коронавирус, а шест лица починале. Тестирани се 9.013 лица, а на респиратори имало 81 пациент. Така, вкупниот број жртви се искачи на 287, а бројот на активни случаи се искачи на 1.996.
Ситуацијата во Белград е најпроблематична затоа што 82,5 проценти од сите заразени се регистрирани во главниот град на Србија.