Колумната е објавена во денешниот број на најтиражниот словенечки неделник „DEMOKRACIJA”.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Животот е полн со трагедии. Трагедии кои оставаат траен белег во сеќавањата на еден човек. Секој оној кој нема социопатски тенденции, трагедиите ги прифаќа тешко и или од нив никогаш не излегува, или излегува посилен, но со трајни рани.
Велат дека најтешка трагедија која може да ја доживее еден човек е да го изгуби своето чедо. Јас, драги мои читатели од Словенија, во моментов се чувствувам токму така кога гледам како умира мојата земја, заедно со се она за што сум се борел во мојот живот како новинар, коректор на општеството.
Мачнината која ја чувствувам додека ја пишувам оваа колумна за „Демокрација“ е огромна, целиот свет се руши околу мене, се исчезнува, се се брише, некој не само што ми ја сече гранката на која седам, туку ми го сече и коренот на дрвото. Седативите воопшто не помагаат.
Мојот народ, Македонскиот народ, на референдумот кој се одржа на 30-ти септември во огромно мнозинство одлучи дека не прифаќа бришење на својот идентитет со бојкотот поради кој не се исполни цензусот од 50% излезност.
Референдумот пропадна, а ние со полна енергија славевме. Се радувавме што по којзнае кој пат си докажавме дека заслужуваме своја држава. Се беше така позитивно и достоинствено, и наеднаш, минатата недела се случи еден огромен шок од кој веројатно нема да можеме да закрепнеме како народ и како индивидуи уште многу години.
На црниот петок, на 19 октомври, две третини од пратениците во Собранието одлучија да ги отворат уставните измени, што ќе донесе до промена на уставното име од „Република Македонија“ во „Република Северна Македонија“, заедно со уставни амандмани со кои ќе се избрише постоењето на македонскиот народ. Пратениците одлучија да го укинат народот кој ги избрал! Од уставот се брише терминот Македонски народ! Во завиена форма територијата станува држава на Албанците и Бугарите.
Се ова беше поздравено и легитимарано од западниот свет за кој јас се залагам во мојата кратка новинарска кариера. Европската унија со громогласен аплауз ги поздрави уцените, притисоците и поткупот поради кои 8 пратеници на опозицијата гласаа „За“ уставните измени и го обезбедија потребното дво-третинско мнозинство.
Јас, авторот на оваа колумна, со свои очи ги видов бледите лица и тажниот поглед на оние кои гласаа. Чинам, умираше дел од нивните души, но сепак не се откажаа од предавството. Којзнае со што се уценети…
Тројца од нив се директно обвинети од Специјалното Јавно Обвинителство и им се заканува затвор, двајца имаат роднини на кои им се заканува затвор а една веројатно е купена со пари. Да биде трагедијата поголема, за да се обезбеди ова мнозинство, премиерот Зоран Заев јавно, на собраниска говорница, се испазари со нив да бидат амнестирани од делата за кои се товарат тие или нивните роднини, а повторувам, тоа беше поздравено од Европската Унија! Силеџиството стана клучна европска вредност.
Еве, јас можеби сум претерано патетичен, но кажете ми вие браќа Словенци, како би се чувствувале доколку ви забранат на вашите деца да им кажувате дека се Словенци? Дека говорат словенечки јазик и дека живеат во Република Словенија? Како би се чувствувале ако неаднаш, во процес на пазарање кој личи на пазар со залоена стока, вие ја изгубите вашата земја и таа стане ентитет со друго име, кој го поседуваат други, а не вие! Вие ќе станете обични духовни апатриди, како мене.
Грозно е, драги мои читатели, да чекориш низ градот во кој паметиш прекрасни моменти од твојата младост, но наместо среќа да гледаш таква депресија што на човек му паѓа тешко да се осуди да погледне во погледите на другите луѓе.
Мојата земја, наскоро ќе стане земја на сите, освен на мојот народ. Сите пратеници кои не се христијани и кои доаѓаат од малцинските заедници гласаа за овие измени и го укинуваат Македонскиот народ. Сите оние кои гласаа против беа Македонци христијани а помеѓу нив имаше само еден припадник на друга етничка група, Србин, кој гласаше заедно со Македонците.
Ова, драги мои пријатели од Словенија, нека ви биде пример од кој ќе учите што не треба да правите со својата земја. Внимавајте на кого му ги отварате вашите врати, не ви доаѓаат само добронамерни гости. Научете да го чувате она што го имате, затоа што и вас, како и нас, еден ден ќе пробаат да ви го земат. Тоа е нужната точка до која не води светската комунистичка елита и нејзината длабока држава, во коалиција со сите непријатели на европскиот христијански идентитет.
Мене како новинар, работа ми е да го следам јавниот интерес. Но, во моментов не можам да си убедам себеси како да работам за јавниот интерес во „Република Северна Македонија“, земја која не е моја и не е на мојот народ. Не сакам тоа да им се случи и на моите пријатели во вашата земја.