Македонија,Регион,Анализи 30. јуни 2020. / 11:08

Вучиќ ги бира Трамп и Макрон наместо Ангела Меркел

Вучиќ ги бира Трамп и Макрон наместо Ангела Меркел

Американската дипломатија е решена да стави крај на конфликтите на Балканот, по брза постапка. На ред е Косово. Кога станува збор за долгорочен интерес, нема емоција ниту разумни потези. Наместо тоа, следат брзи и ефективни решенија во интерес на глобалните сили и процеси.

  • Косовското прашање меѓу клучните за следен мандатар во Македонија.
  • Ангела Меркел преку иницијатива за обвинение на Хашим Тачи, ги саботира Трамп, Вучиќ и средбата во Вашингтон.
  • Предлогот на Љубчо Георгиевески за размена на територии како можно решение за Косово. Пендаровски се плаши од такво сценарио.
  • Можна пост-изборна техничка влада со цел стабилност при решавање на Косово.

пишува: Стефан ВАСИЛЕВСКИ, извршен директор на Конзерватив МК  

Ангела Меркел ги саботира преговорите за Косово преку покревање на иницијатива за обвинение против Хашим Тачи. На тој начин, спречена е средбата во Вашингтон на Вучиќ, Тачи, но и Хоти. Зошто Берлин го саботира договорот меѓу Белград и Приштина, во некоја друга прилика, но дефинитивно Вучиќ го бира Трамп и Париз (Макрон) наместо Ангела Меркел. Оваа насока на српскиот претседател беше најавена месеци наназад од бриселскиот гигант EURACTIV – Why Serbia’s President Vucic chose Richard Grenell over Angela Merkel.

Деновиве, не стивнуваат медиумските напади од Берлин према српскиот претседател Вучич. Но и покрај тоа, српската дипломатија се движи во стабилна насока имајќи ги зад својот грб Доналд Трамп и конкурентот на Меркел за тронот во Европа, Емануел Макрон. „Берлин издвојува пирова победа, но нема да успее да ја минира иницијативата од Вашингтон“ – изјави Јелена Милич од CEAS – Центар за Евроатлантски Студии. Тоа се потврдува и преку изјавата на Ричард Гренел, специјален претставник на американскиот претседател Трамп за преговори меѓу Србија и Косово. „Бараме нов датум за состанок“ – вели Гренел.

Берлин го губи монополот на Балканот, но можеби наскоро и во Европската унија?

Слика: Средбата помеѓу Макрон и В4 групата (Полска, Унгарија, Чешка, Словачка) веднаш по Европските избори.

ЕУ, но и Европа во целост се менува и реформира. Со самиот процес, се наметнува и ново лидерство. Еден од првите црвени сигнали за Берлин беше средбата на Макрон со В4 групата, веднаш по европските избори. Тоа е сериозен знак за заобиколување на Берлин од еден од претендентите за иден лидер на ЕУ. Дали Макрон гледа можност за зајакнување на неговата позиција преку оската со Орбан и В4 групата, останува да видиме. Но, едно е јасно – доколку Макрон ги оствари своите цели, Србија ќе е лидер на Балканот.

Завчерашната победа во прв круг на претседателскиот кандидат Дуда во Полска, како и влезот на светските и европски конзервативци во Хрватска е дополнителна главоболка за Берлин. Полска прераснува во најголем партнер на САД во Европа, а во „најгерманската“ држава на Балканот, Хрватска, британските политички служби прават влез на голема врата. Веќе неколку години работат на ова сценарио, па дури и еден од клучните советници на Маргарет Тачер од кого имавме можност како Конзерватив МК да учиме, е преселен во Хрватска. Тој е еден од мозоците во креирање на новиот обединет десничарски и конзервативен блок предводен од Мирослав Шкоро без кој нема да е возможно составување на следна влада.

Слика: Последна анкета на 6.000 испитаници – број на пратенички мандати.  

Предлогот на Љубчо Георгиевески за размена на територии како можно решение за Косово. Пендаровски се плаши од такво сценарио.

Иако колумнава е пишувана викендов и пред интервјуто кај Васко Ефтов, претседателот на ВМРО-Народна партија Љубчо Георгиевски ја потврди тезата дека најверојатно концептот на размена на територии ќе доминира во решавањето на спорот меѓу Белград и Приштина. Месеци наназад беа во прашање кога нашиот претседател Стево Пендаровски даде скандалозна изјава дека поделба на територии на Косово може да се прелее и во Македонија. Ваква несериозна изјава од прв човек на држава членка на НАТО е за осуда, а покажува и потчинетост и понизност. Нејсе, тоа е најмалку важно. Најважно е дека Пендаровски во очи на меѓународната дипломатија остави впечаток како нестабилно решение за Македонија при решавање на Косовското прашање. Токму поради ваквите сценарија, Косовското прашање ќе е клучно за следниот мандатар во македонската влада! 

За решавање на Косово, потребна е СТАБИЛНА ВЛАДА во Македонија. Тоа е возможно на 3 начини: 1) Нова влада (најверојатно предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери) и 2) Техничка влада – многу поверојатно решение како се наближува датумот за избори. Во двете решенија, Зоран Заев повеќе не е премиер на Македонија. Кое сценарио од овие 2 ќе биде на маса, зависи од секој од вас – затоа, излези и гласај! Сепак, постои и опција 3) Помали се шансите коалицијата СДСМ/БЕСА да го направи невозможното – да победи, но сепак да не ја потценуваме моќта на поткупот и предизборните закани и уцени.

Во секој случај, наш (македонски) национален интерес е границата со соседна Србија да остане непромента, односно дури и при размена на територии Прешевската долина да остане во рамките на Србија за да се обезбеди Паневропскиот Коридор 10, кој е од стратешко значење за нашата држава. Размена да, Прешево во игра – НЕ.

Вучич фрла се на една карта – поголема соработка со десничарите како и Макрон. „Ако Трамп добие втор мандат, ќе биде полесно за Србија“ – изјави Вучич. Клучни избори за иднината на десницата на Балканот, но и во светот се случија или ќе се случат во 2020 година. Србија, Полска, Македонија, Хрватска, Бугарија, претходно Израел, а во ноември и во САД. Копјата се острат, следат силни битки. Македонија е веќе членка на НАТО, а со нова центар-десно влада ќе имаме сила да бидеме дел од овие битки, а не само „да им се додворуваме на поголемите“ – како што му кажа Вучиќ на нашиот претседател Стево по срамежливото мешање во Косовското прашање.