Шефицата на Одделението за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, уште не го фати првиот „крт“, а веќе „лови“ нов. И тоа за истиот случај „Рекет“.
Како што пренесуваат медиумите, Рускоска побарала проверка на безбедносните камери во Апелациониот суд, како и листинзи со повици од кои биле нудени документи, меѓу кои и исказот на второосмничениот Зоран Милевски-Кичеец. Истрагата, како што потврдила и обвинителката, треба да утврди кој од нејзиното Одделение изнесувал и продавал документи од „Рекет“.
Исказот на Кичеец обвинителството одлучи да не биде достапен за увид на одбраната и на осомничените Бојан Јовановски и Катица Јанева.
Во почетокот на септември порталот „Инфомакс“ објави дел од исказот на бизнисменот Орце Камчев, со кој тој го пријави рекетот од страна на осомничените. И тогаш обвинителката Рускоска најави истрага за тоа како протекле информциите во јавноста, но до сега останува енигма како дошло до тоа. Само што новинарот, кој ја објави содржината доби кривична пријава за објавениот текст.
Очигледно, од Одделението за организиран криминал и корупција протекуваат информации од истражната постапка, што говори дека тоа се соочува со сериозни безбедносни пропусти од кои некој дебело профитира, а единствени жртви и цехот засега го плаќаат новинарите.