Македонија 12. август 2020. / 09:47

Кој ќе му дојде на Ахмети во хотел „Парк“?

Кој ќе му дојде на Ахмети во хотел „Парк“?

На ден пред реализација на поканата на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, до партиските челници на останатите парламентарни партии од, условно речено, албанскиот политички блок, се уште не е јасно кој ќе одговори позитивно и ќе дојде во хотелот „Парк“ во Скопје.

Засега е извесно дека само првиот човек на Беса, Билал Касами, предизборниот коалиционен партнер на СДСМ и Зоран Заев, според тв 21, му ја откажа „љубовта“ на Ахмети.

Молкот на останатите политички претставници на македонските Албанци остава многу простор за шпекулации и различни толкувања на целта на средбата.

Можеби основната причина за тоа е недоволното објаснување на целта на средбата од страна на Ахмети. Иако, самиот датум-13 август, денот кога беше потпишан Охридскиот рамковен договор во 2001 година, самиот по себе содржи доста симболика. Отсуството на дополнителни објаснувања од страна на ДУИ внесува дополнителна неизвесност.

Самиот ден-13 август, и досегашната практика покажа дека тој се уште буди различни чувства и кај Албанците и кај Македонците. Па, неретко се случуваше на официјално закажаните прослави да отсуствуваат претставници на политичките елити и од, повторно кажано условно, двете страни.

Најголемиот пропуст на Ахмети е што уште во стартот не кажа дека сака да го прослави потпишувањето на Договорот и не покани претставници од сите останати етнички заедници во државата. Собиранката само на експонентите на албанскиот политички фактор на утрешната средба во „Парк“ на целиот настан добива еднонационална или, подобро речено, националистичка политичка димензија.

Зашто, отсуството на останатите претставници на етничките заедници, како и евентуалниот одѕив на сите албански политички чинители ќе претставува обид на ДУИ за целосна политичка доминација во албанскиот блок и приграбување на политичката волја на сите албански граѓани во земјата. И тоа во услови кога по последните парламентарни избори ДУИ доби сериозна опозиција, што преведно во бројки значи само три пратенички мандати помалку. Но, оваа бројка целосно политички ги факторизира Алијанса на Албанците и Алтернатива и им отвора широки врати за сериозна кандидатура за учество и во власта.

Евентуалното одбивање на сите лидери на албанските политички партии да дојдат во хотелот „Парк“, пак, ќе претставува сериозен удар за ДУИ. Зашто, не само што нема да го добие политичкиот примат, туку сериозно ќе и ги разниша и досега цврстите позиции во настојувањето за прв пат да се избори за позицијата премиер Албанец.