Македонија

Коѕијас до српските националисти: Договорот за името става точка на вашите соништа за хегемонија во регионот

Коѕијас до српските националисти: Договорот за името става точка на вашите соништа за хегемонија во регионот

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, неочекувано го стави традиционалниот грчки пријател и сојузник Србија во негативен контекст зборувајќи за Преспанскиот договор.

„За одредени националисти во Белград, кои за среќа се малцинство, имам чувство дека тој договор става точка на нивните соништа регионот одново да биде ставен под нејзина хегемонија“, ја прокоментира Коѕијас за неделното издание на „Ефимерида тон синдикатон“ констатацијата на новинарот дека Србија е единствената држава во регионот што не го поздрави и поддржа договорот меѓу Скопје и Атина.

Шефот на грчката дипломатија ги стави во ист кош и најголемите опозициски партии во Грција и во Македонија, Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ, кои ширеле десен екстремизам и јазик на омразата.

„Тоа што ме обеспокојува околи Договорот за името не е самиот факт на несогласување, зошто тоа е нешто нормално. Тоа што силно ме вознемирува е распространувањето и легализацијата и во двете држави на крајниот десен екстремизам и на јазикот на омразата“, вели тој.

„Опозицијата и во двете држави на еден и ист начин го користи јазикот на омразата. Тие ја користат омразата во секаква политичка форма, како на внатрешен, така и на меѓународен план. Нова демократија го отфрла Договорот со тврдењето дека ние сме му предале сè на Скопје. Претседателот Иванов и неговата партија го отфрлаат Договорот, зошто нивната земја, според нив, се потчинувала на Грција. Ако ги поврземе овие работи, многу лесно можеме да стигнеме до заклучокот дека во овие две држави опозицијата живее од една и иста реторика, од нерешените проблеми, преку недејствување“, додава Коѕијас.

Грчкиот министер за надворешни работи се осврна и на односите со Русија, порачувајќи дека „Москва треба да ги почитува грчките национални интереси“.

„Критериумите во нашата надворешна политика се диктирани од нашите национални интереси. Русија треба да сфати дека не може да не ги почитува националните интереси на друга држава само поради тоа што се чувствува посилна од неа. Такво однесување нема да прифатиме“, дециден е Коѕијас.