Од истрагата за случајот „Рекет“ излегуваат и други податоци – Боки 13 имал уште една невладина организација, Интернационална асоцијација за заштита на човековите права, преку која планирал да гради станови за сиромашни млади лица, објави екипата на емисијата Код на Телма телевизија.
Скопска градежна фирма поднела кривична пријава против деловната партнерка на Бојан Јовановски за измама, објави екипата на емисијата Код. И оваа фирма била измамена според истата веќе позната шема од договорите со ГП „Пелистер“ од Битола и „Дрим билдинг“ од Струга.
Според договорот обврска на коавторот било да ги изведува градежните работи, но само откако Интернационалната асоцијација за заштита на човековите права ќе ги добие парите од Европската унија.
На оваа шема, паднале менаџерите на една скопска градежна фирма која во периодот од јуни до декември 2017 година уплатиле речиси 260 илјади евра на лична сметка на партнерката на Боки 13. На 10 јануари 2018 година тие успеале да си ги вратат парите заради неисполнување на обврските од договорот. А вака големите уплати на сметка на приватно лице го привлекло вниманието на истражните органи.
Со други зборови парите не биле добиени, работа за градежниците наводно била обезбедена, а за возврат тие требало да платат за идејата.