Предизборната коалиција што Беса ја направи со СДСМ предизвикува големо незадоволство и револт во редовите на партијата. А, тој изненадувачки политички сојуз, веќе предизвика една „жртва“ во партиското раководство.
Така, претседателот на тетовскиот огранок на Беса, Газменд Алиу, си поднесе оставка на функцијата, поради, како што истакнува, изневерувањето на партиските идеали, што се прави со коалицирањето со СДСМ. Во своето обелоденување на оставката, Алиу потенцира дека коалицијата со СДСМ е направена поради апетитите и жсилната желба а власта на тесен круг на раководството на партијата, кое со таквиот потег ги прекршило сите партиски принципи и обврски.
– Драгo семејство и пријатели …
Јас се приклучив на Движењето Беса во 2014 година, како движење чиешто повикување беше на идеали и патриотизам. Со нашите срце и душа дадовме придонес, голем и мал, го искористивме целото семејство, социјалниот капацитет да го подигнеме ова движење кое беше надеж на Албанците во земјата! Но, што се случи! Сето ова беше обичен трик, борба и неконтролиран рефлекс за задоволување на гладта и апетитот на еден клан. Жално е што го искористивме светиот збор БЕСА, ја злоупотребивме религијата и нацијата трчајќи во коалиција на интереси со СДСМ, во која поединци од партиското раководство беа безусловно навлезени, кршејќи ги сите партиски принципи и обврски.
Ве известувам дека давам неотповиклива оставка од функцијата претседател на огранокот на движењето Беса во Тетово и од денес сите мои активности во оваа партија ќе престанат. Се надевам и верувам дека истото ќе го сторат и многу чесни активисти, кои несомнено работеа напорно во текот на овие години со голема верба и посветеност, но се чувствуваа неизмерно разочарани од неодамнешните постапки на мала партиска клика!
И, конечно, да кажам, горд сум за целиот мој придонес, како и секој вистински активист за овие 5 години!
Со најголема искреност, им благодарам на сите што ме поддржуваа без никакво двоумење или сомнеж за време на ова патување! – ги образложува Алиу причините за својата оставка.