Македонија 09. март 2020. / 15:35

Клиниката за кожни болести ќе се дезинфицира, пациентите пуштени дома

Клиниката за кожни болести ќе се дезинфицира, пациентите пуштени дома

Клиниката за кожни болести ќе биде целосно затворена, персоналот треба да остане во двенеделна домашна изолација, а пациентите се веќе пуштени дома, велат од Министерството за здравство.

Одлуката доаѓа откако тестот за корона вирус на директорката на Клиниката, која пред пет дена се вратила од Италија, а во меѓувреме одела на работа, бил позитивен.

Во моментов во Клиниката се присутни епидемиолози и уште неколкумина вработени, чија задача е да ги подготват просториите за дезинфекција. Клиниката ќе остане затворена во следните две недели.

Пациентите на клиниката можат да го продолжат лекувањето и во домашни услови.

Министерот Венко Филипче, на прес-конференција, соопшти дека се идентификуваат сите лица со кои лекарката контактирала во изминатите пет дена, било да се работи за семејство, пријатели, колеги или пациенти.

Среќна околност, како што рече Филипче, е што таа изминатите пет дена директорката немала ангажман во амбулантата, каде што има и најголема фреквенција на пациенти.