Македонија 11. февруари 2019. / 12:34

Ќерките на неколку обвинителки вработени во Обвинителство

Ќерките на неколку обвинителки вработени во Обвинителство

Непотизмот во извршната власт е тема која се провлекува децении наназад, а посебно е актуелна изминативе недели. Но, за непотизмот во Јавното обвинителство многу малку јавно се говори. Соговорници за „Макфакс“ тврдат дека непотизмот во оваа институција кој го има со години сериозно влијае врз имиџот и довербата во јавноста на оваа институција, а трендот и натаму не запира.

Ќерката на вишата јавна обвинителка, Елизабета Ристевска, Јована, од петокот работи како помлад јавнообвинителски службеник во Основното јавно обвинителство, дознава „Макфакс“. Од Јавното обвинителството ја потврдија информацијата. Од таму информираа дека кандидатката по направената селекција се покажала како најсоодветна за таа позиција.

Во спроведена постапка по јавен оглас бр.1/2019 година кој го распиша Јавното обвинителство на Република Македонија, објавен во два весника и по извршена селекција во согласност со Законот за работни односи,  лицето Јована Ристеска е ангажирана од 9.2.2019 година. Лицето е дипломиран правник со положен правосуден испит и ги исполнува општите и посебните услои кои се бараат за тоа работно место. Договорот  за вработување за ова лице е на определено време, односно до 31.12.2019 година, за работно место помлад јавнообвинителски соработник во Основното јавно обвинителство Скопје“, велат од Обвинителството за „Макфакс“.

Од Обвинитеслтвото потврдија дека и ќерката на обвинителката за гонење организиран криминал и корупција, Гордана Смаќоска, Билјана Смаќоска е вработена од 2009 година како стручен соработник во Вишото јавно обвинителство Скопје. Уште една ќерка е вработена како стручен соработник во Основното јавно обвинителство Скопје. Станува збор за Ирена Спасовска, инаку ќерка на обвинителката во државното јавно обвинителство, Лилјана Спасовска. „Вработената Ирина Спасовска во спроведена постапка по јавен оглас е вработена на работно место стручен соработник во Основно јавно обвинителство Скопје на 5.3.2014 година“, одговорија од ЈОРМ.

Во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше избрана Марија Ѓорѓева, внука на претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев, за кого има постапка за судир на интереси пред Државната комисија за спречување на корупцијата.