Македонија 18. ноември 2020. / 16:37

Ќе се врши увид за четирите хидроцентрали на Шар Планина

Ќе се врши увид за четирите хидроцентрали на Шар Планина

Државниот инспекторатот за животна средина доставил 12 решенија за отклонување недостатоци, по спроведените 68 редовни инспекциски надзори и вонредни надзори на 25 инсталации.

Во нив се утврдени недостатоци во А интегрирани дозволи и елаборати за животна средина, дозволи за регулација на речно корито и за користење на водите. Државниот инспекторат ќе изврши увид во сите дозволи кои што досега ги издале надлежните органи за четирите мали хидроцентрали во Лешница на Шар Планина, јавува Телма.

– Утврдивме дека на онаа која што е најнапредната со градба, а која што е лоцирана највисоко во планината на Пена, има потенцијална можност за загадување на водите за водоснабдување на градот Тетово, бидејќи во непосредна близина на каптажата се започнати градбите. Ние ќе побараме од општина Тетово дали таква санитарна зона е воспоставена или не, а доколку не е, веднаш ќе побараме, изјави Ана Петровска, директор на Инспекторатот за животна средина.

Во меѓувреме Државниот инспекторат за животна средина се соочува и со недостиг на инспектори и покрај напорите за координацијата со градските инспектори и општините, дополнителен проблем е и речиси целата уништена хартиена документација.

– Сега за сега ја обновуваме нашата документација која знаете дека изгоре, ја обновуваме и базата на податоци бидејќи во моментот го немаме финалниот список на сите инсталации и елаборати за заштита на животната средина, додаде Петровска.

Редовните надзори ги надополнуваме со итно постапување и по пријава на граѓани , вели Петровска, нагласувајќи дека вонредните инспекциски надзори ќе бидат интензивирани и во претстојниот период.