Македонија 25. април 2020. / 22:15

Ќе важат старите дозволи за движење на работниците до работа и при промена на времето на полицискиот час

Ќе важат старите дозволи за движење на работниците до работа и при промена на времето на полицискиот час

Компаниите повеќе нема да треба да издаваат нови дозволи за движење на работниците до работните места со секоја промена на режимот на движење и периодот на траење на полицискиот час, туку ќе важат веќе издадените дозволи, соопшти владината прес-служба.

-Владата на на последниот кризен штаб донесе одлука со која се продолжува важноста на веќе издадените дозволи за движење за време на полициски час на работниците поради вршење на сменска и ноќна работа. Со последната одлука работодавачите немаат повеќе обврска да го менуваат датумот и временскиот период во образецот заради нивно усогласување со Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.107/20), се наведува во соопштението.

Овие дозволи, како што е посочено во соопштението, ги издава работодавачот на пропишан образец од страна на Владата. Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во која работи. При тоа, се наведува и смената во која е ангажиран работникот. Дозволата е потврда за движењето на работникот во услови на полициски час и истата се приложува на увид до органите на државата во случај на контрола. Дозволата за движење важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.

-Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи или надлежното ОВР, се наведува во соопштението од владината прес-служба.