Виси ли дозволата за работа за детска кардиохирургија во клиничката болницата на Жан Митрев? Во март годината оваа приватна установа добила дозвола од Министерството за здравство за операции на срце кај бебиња бидејќи во тимот имало лиценциран детски кардиохирург. Но по оставката на Чадиковски нема одговор како и кој ќе ги прави овие хируршки интервенции, пренесува Сител.
Здравствените власти засега молчат, а од Државниот санитарен и здравствен инспекторат кои вчера направиле вонреден надзор во болницата на Митрев, не пронашле никакви неправилности.
При надзорот е констатирано дека здравствената дејност во ПЗУ Клиничка болница ЖАН МИТРЕВ Скопје се врши согласно Решението за дозвола за вршење дејност издадено од Министерство за здравство, велат од ДСЗИ.
Од Инспекторатот за подетални одговори упатуваат во Министерството за здравство, од каде пак не соопштуваат јавно што содржи решението за дозвола за детска кардиохирургија. Молчат и од Фондот за здравствено осигурување. Не добивме одговор од оваа институција каков договор имаат со болницата на Митрев и колку пари исплатиле досега. Но затоа сопственикот на приватната болница ја поздрави иницијативата на Антикорупциска комисија за испитување на случајот со детска кардиохирургија.
Клиниката е отворена за соработка за обезбедување на сите потребни информации и документи кои ќе бидат потребни за утврдување на вистината, велат од Клиничката болница Жан Митрев.
Вчера антикорупционерите најавија дека ќе проверат дали е законска лиценцата на болницата на Митрев за операции на срце кај бебиња.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.