Рекетираните пари во Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви, а не кај Бојан Јовановски. Со овие зборови Бојан Јовановски-Боки 13 ја дочека првостепената пресуда во Основниот криовичен суд Скопје за случајот „Рекет“ со која беше осуден со единствена затворска казна од девет години.
Изјавата на Боки-13 предизвика бура од реакции во јавноста и кај власта и кај опозицијата. Но, пред почетокот на судењето на случајот „Рекет 2“, кој всушност претставува продолжение на „Рекет“, се погласни се шпекулациите дека власта притиска врз обвинителството и врз судот за одложување на подготвителното рочиште, заради „Пандорината кутија“ на Боки-13.
Во политичката пресметка, опозицијата одамна ги користи термините трас-трас судство, израз што го употреби екс-премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, во една од аудио-снимките со кој даде на знаење дека е под негова целосна контрола, и „Русковска обвинителство“, како манифестација на селективниот пристап на обвинителството во борбата против организираниот криминал и корупција.
Почетокот на судењето е закажан за в среда, 1 јули, а според закажаните термини следните две рочишта треба да се одржат на 14 и 29 јули. Според изборните активности, пак, на 14 јули е предвидено да гласаат затворениците, со што се доведува во прашање и одржувањето на рочиштето. А, ако дојде до тоа, тогаш би се одложило и наредното за 29 јули, зашто од 1 август почнува вообичаената летна ферија на судството и обвинителството.
Случајот „Рекет 2“ е всушност продолжение на аферата „Рекет“, која веќе заврши со првостепена пресуда на Бојан Јовановски-Боки 13 од единствена казна од девет години и на Катица Јанева, поранешна шефица на СЈО, од седум години.
По изјавата на Боки-13 дека рекетираните пари во Македонија треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви, а не кај Бојан Јовановски, никој не може да биде сигурен со каква изјава би настапил Бојан Јовановски во своето излагање. Дотолку повеќе што во обелоденувањето на случајот се споменуваа редица имиња од редовите на владејачкиот СДСМ, почнувајќи од Радмила Шекеринска, Александар Кирацовски, Стефан Богоев, Фросина Ременски, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, портпаролот Костадин Костадинов…
Покрај Бојан Јовановски, во „Рекет 2“ се опфатени и неговиот татко Миле Јовановски, потоа личната секретарка Кристина Карајованова, Јасна Мандиќ, потпретседателка на невладината организација на Боки-13, Меѓународен сојуз, и пратеничката од редовите на СДСМ и до минатата година партиски потпретседател, Фросина Ременски. Обвинети се за измама, перење пари, помагање во измама и за политичко влијание.
За потсетување, битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски на Меѓународниот сојуз му уплатил износ од 720.000 евра за изградба на старечки дом во Битола.
Во петок, пак, Боки-13 треба да го продолжи исказот пред обвинителството за поднесување тужби против политички функционери и бизнисмени за учество во криминал и корупција. Откако тоа го стори на 25 јуни, неговиот адвокат обелодени дека добил телефонски закани по неговиот и животот на Бојан Јовановски и да внимава што зборува пред обвинителството.