На 17 ноември годинава во скопскиот хотел „Мериот“ треба да биде отворено ново казино „Фламинго“, кое веќе работи во Гевгелија. Според содржината на веќе поставените реклами на билбордите низ градот, за овој чин на плоштадот „Македонија“ концерт ќе има една од најголемите групи во поранешна Југославија, „Биjело дугме“.
Казиното „Фламинго“ од 2014 година е дел од австриската компанија за игри на среќа „Новоматик“. Според истражувањата од пред само неколку години, како член на бордот на директори се споменуваше и името на се уште актуелниот евро-комесар за проширување и иден член на Европската комисија, Јоханес Хан. Оттука и прашањето дали Хан ќе дојде во Скопје да присуствува на отворањето на новото казино?
Во времето кога започнаа и се водеа преговорите за излез од политичката криза во Македонија познати како Пржино 1 и Пржино 2 со формирањето пржинска влада за предвремените парламентарни избори во 2016 и на Специјалното јавно обвинителство, чиј посредник беше токму Јоханес Хан, во медиумите беа објавени истражувања, што ја разоткрија неговата поврзаност со „Новоматик“.
Така, истражувачката мрежа Скуп Македонија, меѓу другото, напиша дека најголемата светска компанија на игри на среќа „Новоматик Аг“, со седиште во Австрија, е инволвирана во неколку афери во земјите каде делува. Според Блумберг, „казината во Парагвај, Перу и Јужна Африка – земји каде „Новоматик“ делува – беа одбележени од страна на САД како цевки за перење пари од страна на криминалните шефови и бароните на дрогата“.
Според тогашниот пратеник во австрискиот парламент Питер Пилц, „Хан договарал и купил имот во Австрија со пари во кеш“.
– Јоханес Хан, како извршен директор на „Новоматик“, договарал и купил објект, како имот на фирмата „Новоматик“ во кеш. Подигнавме обвинение против него. Подоцна и претходниот сопственик на имотот кој го купил Хан во име на „Новоматик“ ни потврди дека тој лично преговарал со Хан, изјави во интервју за Скуп, Пилц.
Инаку, според Скуп, Јоханес Хан во „Новоматик“ влегол во 1997 година како член на бордот на директори, а подоцна станал и главен извршен директор на „Новоматик“. Претходниот работодавач на Хан во 2013 година го купил казиното „Фламинго“ во Гевгелија.