Македонија 18. ноември 2019. / 21:05

Кировски ја „забрани“ Левица на Телма

Кировски ја „забрани“ Левица на Телма

Димитар Апасиев, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и член на раководството на партијата Левица ја обвинува националната телевизија „Телма“ дека ја бојкотира неговата партија.

Во најавата за вечерашната емисија „Топ тема“ која се емитува на „Телма“ се дебатира дали изборниот модел ги поткопува шансите на условно кажано помалите партии. Како гости се повикани Александар Тортевски од Твоја партија, Марина Малиш Саздовска од Интегра и Љупчо Алексовски од ФРОДЕМ.

Левица / E majta / Levica – единствената „трета опција“ која реално има шанси да влезе во парламент и која веќе има учествувано самостојно на два изборни циклуса, со поминат цензус, трета година по ред е упорно БОЈКОТИРАНА од страна на провладината национална телевизија ТВ Телма со Атанас Кировски како главен и одговорен уредник. Не е викнат ниту еден гостин во емисија, не е пропратено ниту едно соопштение, не е проследена ниту една прес конференција за суштински општествени теми! Тоа е тој професионализам, тоа се тие новинарски стандарди за избалансирано известување – вели Апасиев за односот на „Телма“ кон Левица.

Тој на националната телевизија ѝ порачува да не се чуди оти гледаноста е опадната.

Оти станавте тоа што го презиравте – вели Апасиев.

Во постот на Апасиев, меѓудругите кои му даваат поддршка на професорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, коментира и Кировски.

Димитар, може да гостуваш на „Телма“ кога сакаш. Ама од некоја позиција која ти прилега. На пример, како професор, правен експерт, критичар на Договорот од Преспа. Како сакаш, така. Ама како левичар, не може да гостуваш, затоа што не си левичар – му пишува Кировски на Апасиев.