Доскорашниот генерален секретар на СДСМ и сегашен пратеник Александар Кирацовски, по двочасовниот распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција изјави дека не знаел дека Бојан Јовановски познат како Боки 13 вршел рекет на одредени бизнисмени.
Кирацовски исто така потенцира дека во обвинителството бил повикан за еден мал сегмент. Тој рече дека немал никаква поврзаност односно не ургирал кај градоначалничката на Битола за соработка со Меѓународниот сојуз околу домот за стари лица.
–Немам никаква поврзаност со случајот. Повикан сум за еден мал сегмент. Ние сме чесни луѓе и сметам дека со мојот исказ помогнав истрагата за Рекет да добие правилен тек – рече Кирацовски.
Пратеникот од СДСМ на прашање на новинарите околу заедничката фотографија со Боки 13 рече дека Јовановски инсистирал да се направи заедничка фотографија.
Кирацовски денеска во Обвинителство беше повикан како сведок. Пред обвинителката Вилма Русковска се појави сам без присуство на адвокат.
Оваа недела искази во Обвинителството дадоа пратеничката и почесна претседателка на Меѓународниот сојуз, Фросина Ременски, водителката Лила Филиповска, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски.