Сметам дека сум невина и не сум го сторила делото и се срамам што сум дел од обвинение за кое се покажа дека е клевета, затоа што не постојат никакви доакзи за делото за кое се товарам, изјави Катица Јанева, во завршен збор за случајот „Рекет“.
Таа рече дека нема ни „0″ од обвинение против неа, нема ниту еден доказ и го нема и Специјалното јавно обвинителство.
Мене не ми требаат црвени телефони. Мене ми е чист образот. Некој да сакаше да го урне СЈО, јас не му требав. Јас сум во притвор за пари што не се докажаа за Камчев да се спаси, рече Јанева.
Таа нагласи дека е само грубо изманипулирана од една личност.
Доколку ги знаете соприжниците Камчеви, нема никогаш да дозволите да ви се доближат ниту до судската зграда. Орце Камчев се покажа дека е „валкан“ играч и дека мисли дека може се да купи со пари, се излажа. Мене не можеше да ме купи. Искористи едно искрено пријателство со Бојан за да ме стави на столб на срамот, изјави Јанева.
Во овие четири години, Јанева смета дека покажала како еден обвинител може да биде одважен и сигурен во себе и додаде декаи е срам што е дел од ова судење поради неспособноста и немањето докази.
Да подигнеш обвинение без извршени вештачења и да биде прифатено од тројца судии! Секоја чест. Јас се срамам што сум дел од ова. А каде се парите, рече Јанева.
Таа изрази жалење што овие два дена успеале да го распарталат како баница голото обвинение и што тоа не може да го чуе Вилма Русковска и да се црвени, зашто не е присутна. Според Јанева, ако јавната обвинителка работела како што треба ќе утврдела дека нема докази за делото и немало да покрене обвинение.
Но, брзаше да покрене обвинение за три месеци, водена по тоа јас да не излезам од притвор. Тоа беше осуетено, па дури и се закануваше на судии со „тресење од гаќи“, изјави Јанева.
Пресудата за „Рекет“ е закажана за 18 јуни 2020 година во 10 часот.