Специјалната обвинителка Катица Јанева, денеска го образложи шестмесечниот извештај за своето работење пред пратениците од Комисијата за политички систем.
Јанева од пратениците побара да се реши правната положба на обвинителството најавувајќи дека има намера докрај да ги истражи сите индиции за криминал кои ги има во разговорите, но и дека ќе ги докаже обвиненијата влезени во судска процедура.
Новотворените истраги на СЈО по истекот на рокот за подигнување обвиненија во јули беа една од точките за кои опозицијата ја нападна специјалната обвинителка Катица Јанева, пишува Телма.
Го кршите законот и придонесувате за правна несигурнот, обвини пратеникот Зоран Илијоски. Јанева му одговори дека разбира зошто има нервоза поради работењето на СЈО. Кажа дека законски се уште можат да истражуваат криминал од бомбите и побара од пратениците да изгласаат законско решение со кое ќе го продолжат мандатот на СЈО. Илијоски реагираше дека СЈО ангажира за вештаци луѓе блиски до СДСМ.
Илијоски беше единствениот пратеник од ВМРО – ДПМНЕ кој поставуваше прашања за разлика од минатото, кога Јанева добиваше канонада прашања и забелешки со часови. Тој праша и дали СДСМ и ги предале сите прислушувани разговори бидејќи низ чаршијата се говорело дека на црниот пазар има снимки кои се користат за уценување. Јанева рече дека има записник од примопредавањето на бомбите и дека се дел од доказниот материјал за предметот „Тврдина – Таргет“, кој според СЈО е клучот за аферата за прислушување.
Јанева рече и дека освен прислушуваните разговори во предметите има и многу докази и сведоци. За актуелните функционери рече дека нема инкриминирачки разговори бидејќи во времето на прислушувањето не биле на власт. Поддршка за извештајот даде пратеникот од СДСМ, Бетијане Китев, кој рече дека е објективен, а пратнеикот од Алијансата, Сурија Рушити побара од Јанева да истражи дали во затвор има албанци кои се невини.