Македонија 26. јуни 2019. / 19:45

Катастрофален извештај на ГРЕКО за Македонија: СЈО не си ја врши работата – непотизмот и корупцијата владеат

Катастрофален извештај на ГРЕКО за Македонија: СЈО не си ја врши работата – непотизмот и корупцијата владеат

Во Извештајот на Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО) за „Евалуација на Република Северна Македонија“ за „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт и органите за спроведување на законот“, објавен од страна на Министерството за правда, се наведува дека системот на кривична правда не е успешен во борбата против корупцијата, а СЈО генерално не гони систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи, пренесе Судство.

– Се смета дека напредокот во оваа област силно зависи од тоа дали судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно. – пишува во извештајот.

Експертите на ГРЕКО констатираат дека капацитетот на јавниот сектор за спречување на корупција има големи недостатоци.

– Политичкото мешање во работата и именувањата во јавната администрација се широко распространети и често полни со етнички елементи. – сметаат од ГРЕКО.

Непотизмот и судирот на интереси не се соодветно третирани, а медиумите се сметаат за неслободни. Во однос на советниците на премиерот, ГРЕКО препорачува да се воведе ветинг за нивно ангажирање врз основа на правилата за интегритет. Покрај тоа, ГРЕКО препорачува имињата и платите на советниците да се лесно достапни на интернет.

Во извештајот се оценува ефективноста на рамката за спречување на корупција. Од ГРЕКО велат дека иако земјата има воспоставено прилично широка политичка и институционална рамка за спречување и борба против корупција, целокупната сила на антикорупциската рамка е дискутабилна бидејќи спроведувањето на различни политики и закони е слабо и селективно во пракса.

Што се однесува до органите за спроведување на законот, еден од главните проблеми лежи во политизацијата на полицијата и потребата за зајакнување на нејзината независност.

Група држави против корупција (ГРЕКО) е тело на Советот на Европа, основано да го надгледува спроведувањето на антикорупциските стандарди на организацијата од страна на земјите членки. Петтиот круг на евалуација на Македонија започна во 2017 година, а во извештајот до државата се упатени вкупно 23 препораки кои треба да се имплементираат до 30 септември 2020 година.