Лидерот на Беса, Билал Касами, во изјава за „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ оцени дека може да се постигне договор за датум за избори и порача дека ако не јуни или август, тие би можеле да се одржат на почетокот на јули.
Свесни сме дека во наредниот период ќе се соочуваме со економскиот дел. Ќе треба да се задолжуваме најмалку две милијарди евра. Затоа цениме дека треба да имаме Парламент. Затоа цениме дека најбрз можен рок во согласност со Уставните норми е да организираме избори. Но, тоа мора да биде со сите чинители. Ценам дека не сме до толку далеку за да не се договориме. Ако не јуни или август, со заладени глави може да има компромис и тоа да биде почетокот на јули, вели Касами и додава дека ВМРО-ДПМНЕ мора да биде свесна дека Македонија мора да оди на избори во време кога нема проценка дека Македонија ќе има нула инфицирани.
За потсетување тој, исто како и СДСМ, по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, изјави дека Беса е за избори во јуни.