Македонија 06. декември 2019. / 15:39

Камчев: Во просториите на СЈО не ми било понудено спогодување или да бидам заштитен сведок

Камчев: Во просториите на СЈО не ми било понудено спогодување или да бидам заштитен сведок

Во просториите на Специјалното јавно обвинителство никогаш никој не ми понудил спогодување или да бидам заштитен сведок. Таму бев двапати. Еднаш кога ме однесоа од притвор и еднаш кога бев повикан од Катица Јанева. Првиот пат водевме некои разговори, а вториот пат кога Катица Јанева отворено ми се закани да го исполнам ветувањето спрема Бојан Јовановски.

Ова денеска го изјави главниот сведок во случајот „Рекет“, бизнисменот Орце Камчев одговарајќи на прашањата на одбраната, на првообвинетиот Бојан Јовановски алијас Боки 13 и на шефицата на Одделението за гонење организиран криминал и корупција, обвинителката Вилма Русковска.

Камчев беше дециден дека таква понуда давал само Бојан Јовановски.

Денешното рочиште мина во знакот на доминација на сведокот Камчев, но и на судијката Васка Николовска Масевска, иако на моменти атмосферата ги носеше присутните до масовно смеење, пред се поради досетките и меѓусебните дофрлања на Камчев и Боки 13. Но, неизбежлив беше впечатокот дека соодветна димензија имаа и одредени поставени прашања, кои судијката не дозволи да бидат поставени. На пример, дали имала и каква улога Наташа Савова во дистрибуцијата на „нелегално снимените материјали“ во домот на Камчев (тука Камчев без одобрение на Судот одговори-никаква), дали Камчев со снимките го уценувал премиерот во заминување, дали Боки 13 и Орце разговарале за Русковска…

Одбрана и третообвинетата Катица Јанева се откажаа од испрашување на сведокот и оставија можност тоа да го сторат дополнително.

Откако излегол од притвор, Камчев имал средба со тогашниот директор на тогашната УБК, Горан Николовски, на кого му кажал што се се случува. Советот што го добил бил се да снима и документира и да пријави во обвинителството кај Вилма Рускоска. Камчев имал две средби со Зоран Заев. На првата, што ја договорил телефонски преку кабинетот, му објаснил што се случува од што тој останал „запрепастен“, а на втората ги видел снимките, по што „останал без зборови“ и го упатил се да пријави кај Русковска. Камчев не се сеќаваше на точниот датум кога го пријавил случајот, само посочи дека тоа било кон крајот на март или почетокот на април годинава.

Снимките, што беа објавени, според Камчев, биле направени без посебни камери, туку со неговите домашни законски поставени и со мобилен телефон и тоа на 20 јануари годинава. Чантата „Лиј Витон“ била купена од Камчев пред неколку години од Италија. Парите во неа биле без сериски броеви. Камчев во неговиот дом им ја предал на Зоран Милевски-Кичеец и Бојан Јовановски. Одговарајќи на директно прашање на Боки 13, тој уште еднаш потврди дека таа чанта „никогаш не заврши кај мене дома“.

На следното рочиште ќе сведочи Ана Камчева, која денеска не присуствуша заради температура, како сметководителката на Камчев.

Менаџер или невработен?!

Како менаџер на телевизија имам право да ценам колку чини една реклама, исто како што вие цените колку ќе чинат операциите, што ги вршите неуспешно, реплицираше во еден момент Бојан Јовановски на одговор на сведокот Камчев.

На ова, пак, реагираше обвинителката Русковска:

-Не си менаџер, ти си невработен.