Македонија 09. ноември 2018. / 19:42

Камчев вечерва беше донесен во Кривичниот суд

Камчев вечерва беше донесен во Кривичниот суд

Вечерва и последниот, Јордан Камчев, од петмината за кои СЈО бара притвор во случајот „Империја” беше донесен во Кривичниот суд пред судија на претходна постапка. Освен Камчев на разговор со судија на претходна постапка чекаат и Цветан Панделевски, Тодор Мирчевски, Зорица Арсовска и Ненад Јосифовиќ.

Специјалното јавно обвинителство бара притвор за сите петмина поради опасност од бегство и влијание на осомничените врз сведоци. Дел од нив имале двојни државјанства и голема имотна сотојба.

Денеска Специјалното јавно обвинителство објави дека отвори истрага против 13 лица, бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куноска Камчева и сестра му Христина Камчева Стојческа, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Овој случај е наречен „Империја“.

Сите се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.