Македонија 09. септември 2020. / 10:04

Како власта монтира случаи за политичка пресметка – Обвинението за 27 април на стаклени нозе

Како власта монтира случаи за политичка пресметка – Обвинението за 27 април на стаклени нозе

Обвинението против Трајко Вељаноски е на стаклени нозе и мора да падне, анализира новинарот Бранко Героски за Плусинфо

Во првата реченица на образложението на обвинението пишува дека обвинетите Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, изготвиле план со намера да ги загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акти на насилство за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство, организирале протести кои материјално ги помагале, постојано го намалувале бројот на полициски службеници ангажирани за обезбедување на протестите и на Собранието во кои ги вклучиле патриотските здруженија, презеле мерки за да се отстранат пречките за да се овозможи непречен влез на масата народ во Собранието на Република Македонија, ангажирале лица за вршење насилство итн.

До тука сѐ е јасно. Односно, јасно е дека актите на насилство се суштествен елемент на делото што им се става на товар на обвинетите – ако немало насилство, ако не се случеше упадот во Собранието на 27 април, секој друг обид за спречување на изборот на новиот спикер Талат Џафери (филибастеринг и слично) ќе беше политички легитимен. Во најмала рака, немаше да има основа да се зборува за кривична одговорност.

Каква е улогата на Трајко Вељаноски во организирањето на актите на насилство?

Обвинението вели дека Никола Груевски го повикал народот на протести со зборовите „народот да не седи дома во папучи, да ја земе судбината во свои раце“ (би можел да полемизирам со тезата од обвинението дека ова е повик на насилство, но сега сум фокусиран на друго прашање), додека „обвинетиот Трајко Вељаноски, во својство на претседавач на Собранието на Република Македонија од новото парламентарно мнозинство, со координирање на пратениците предводени од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и спротивно на член 78 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија не дозволил да се изврши измена на точките од дневниот ред на Седницата на барање на пратеникот Оливер Спасовски, кого го поддржувале повеќе од 10 пратеници“.

Тоа ли е тоа?! Подоцна ќе се осврнам на таа деловничка рашомонијада, но поентата сега ми е друга – така ли Вељаноски учествувал или потикнал акти на насилство, со наводно прекршување на една деловничка одредба?! Ви се верува во ова?!

Да бидам искрен, до средбата со поранешниот спикер и до проучувањето на обвинението и на доказите, некој да ме прашаше како Обвинителството ќе ја докажува неговата вина за насилствата во парламентот од 27 април, ќе му речев – па, Обвинителството мора да има некои адути во ракавот, некакви докази со кои ќе покаже дека спикерот се координирал со насилниците или со организаторите на насилствата и при тоа јасно и недвосмислено се приклонил кон идејата со насилство да се спречи трансферот на власта. Дури и да имало прекршување на Деловникот од негова страна (а тој уверливо докажува дека немало), тоа, само по себе, без јасна релација со насилниците и со насилствата, не е и не може да биде кривично дело.

Зошто, на пример, би било кривично дело, или дури и политички деликт, ако Вељаноски, избран за претседател на Собранието од редот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, се координирал со нив и со својот партиски шеф? Кој претседател на парламентот не го прави тоа? А токму тоа го пишува во обвинението. Неверојатно! Настрана фактот што во доказната постапка Вељаноски приложил дузина записници од координативни состаноци, од кои се гледа дека во текот на целата тензична седница, до последниот ден на инцидентот, тој бил во постојана координација со претставниците на сите пратенички групи.

Со Груевски во пораки ја откриле Америка

Втор пат во обвинението Вељаноски се спомнува во следната реченица. „Во 14,54,17 часот обвинетиот Трајко Вељаноски испратил порака до обвинетиот Никола Груевски сега недостапен за органите на прогон со содржина ‘да Ве информирам дека Заев имаше прес во Собрание и процедурално на седница најави дека мнозинството ќе го избере претседател на Собрание. Местото може да е во сала во Собрание, во ходник, на скали, во МАНУ, на Правен факултет…’“. На ова, Никола Груевски, во 16,04,14 часот, му испратил порака на Вељаноски со содржина „Од Панче Кралев: од ДУИ информација од човек што дојде од состанок со Талат … денес за попладне после 17,00 часот се спрема избор на Талат за претседател на Собрание на иницијатива на СДСМ“.

Самото обвинение кажува дека содржината на пораката на Вељаноски до Груевски веќе била соопштена на прес-конференција и процедурално, на седница. Тоа е нешто што сите го знаевме тој ден. Со други зборови, спикерот го информирал својот партиски шеф за позната работа. И возвратната порака на Груевски до него е со содржина која добро им беше позната и на пратениците и на новинарите. Накусо, двајцата ја откриле Америка! Настрана тоа што во оваа размена на пораки ни експлицитно ни имплицитно не се спомнуваат ни протести ни насилство. Што е тогаш спорно? Буквално ништо!

Трет и последен пат во обвинението Вељаноски се спомнува во следната реченица: „Обвинетиот Трајко Вељаноски на седницата на Собранието преку ред му дал збор на пратетникот Зекирија Ибрахими и не го спречил да ја испее химната на Република Албанија“. Според Обвинението, тоа било причината поради која масата се упатила кон вратата на Собранието, која ја отвориле Крсто Муковски и Сашо Василевски, кои пак – види чудо! – подоцна се амнестирани. Од записникот од седницата, сепак, јасно се гледа дека Вељаноски на пратеникот Ибрахими му дава збор за процедурална забелешка, а тој тоа го користи да ја пее албанската химна. Откако претходно пратеникот Крсто Мукоски ќе ја испее македонската химна. Патем речено, пеењето химни не е забрането и е еден од вообичаените начини на т.н. филибастеринг.

Како и да е, по музичкиот настап на Зекири, во 18 часот и 1 минута, Вељаноски ја прекинува седницата и закажува продолжение за утрешниот ден во 11 часот. Насилствата во зградата на Собранието се случуваат потоа и како што веќе беспоговорно утврдивме, Обвинителството не нуди никакви докази дека спикерот има било каква врска со нивната организација или извршување.

Фактите се неприкосновени, одлуката мора да биде доблесна и храбра

И тоа, горе-долу, е сѐ. Не треба човек да е судија или обвинител, дури ни правник или студент по право, за да сфати дека инкриминирањето на Трајко Вељаноски во врска со настаните од 27 април е целосно неодржливо. Ќе го повторам она што го кажав на почетокот – органите на прогонот, Обвинителството и Судот, беа должни да утврдат кои се организатори и извршители на злосторството, да подигнат обвиненија според законот и според тежината на извршените кривични дела да донесат соодветни пресуди. Но, ова конкретно обвинение, без никакви релевантни докази, без посочување на било каква врска на Вељаноски со насилствата на 27 април дури ни во самиот обвинителен акт, не може да доведе до правда, туку само до нова жртва на еден нов монтиран политички процес. Кому му е тоа потребно?

Трајко Вељаноски еднаш веќе беше жртва на грозна конструкција за неговата наводна поврзаност со случајот „Монструм“, со убиството на децата кај Смилковско Езеро. Требаше да минат месеци и месеци таа валканица да му ја симнат од вратот. Тоа го стори лично Зоран Заев, оти мораше. Јас мислам дека ова е втор сериозен обид Вељаноски да стане жртва. Не знам со што овој човек го заслужил ова „внимание“, но знам (а сега знаете и вие, бидејќи фактите се неприкосновени и пред нов молчат и боговите), дека ако има доблесен суд и вистинска правда, обвинението против Вељаноски мора итно да биде повлечено или да падне. Тој сепак нема никаква вина за настаните од 27 април.

Голем грев е невин да се прогласи за виновен. Велат, подобро сто виновни на улица, одошто еден невин во затвор. И секако, голема доблест е да се исправи грешката. Убаво би било најавената нова битка за правда да почне со една храбра и доблесна одлука.

Целата анализа може да ја прочитате на следниот ЛИНК.